
Денес се одржа редовна седница на Управниот одбор на ЗЕЛС, на која разговаравме за актуелните предизвици со кои се соочуваат општините, но и донесовме важни одлуки во интерес на граѓаните и локалната самоуправа, информираше градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
Според него, една од клучните одлуки е формирањето на кризен противпожарен штаб при ЗЕЛС, кој има за цел да обезбеди побрза, поефикасна и подобро координирана реакција меѓу единиците на локалната самоуправа во случај на пожари во летниот период, во соработка со централните институции.
Безбедноста на граѓаните, заштитата на имотот и навремената реакција мора да бидат наш заеднички приоритет. Токму затоа, преку ЗЕЛС ја зајакнуваме меѓуопштинската соработка и градиме систем кој ќе може да одговори координирано, одговорно и ефикасно во моменти кога тоа е најпотребно, вели Ѓорѓиевски.
На седницата присуствувал и новиот претседател на Регулаторната комисија за енергетика, Ацо Ристов, со кого била отворена тема за можностите за формирање локални енергетски претпријатија.
Како што посочува градоначалникот, ваквиот модел би придонел кон поголема енергетска независност на општините, преку користење на електрична енергија произведена од соларни панели и нејзино пласирање на пазарот, со што би се обезбедиле дополнителни приходи за локални проекти и подобрување на услугите за граѓаните.
ЗЕЛС останува силен партнер на општините и простор каде се носат решенија што значат поголема стабилност, подобра координација и посигурна иднина за сите граѓани. Целта е да имаме посилни општини, поефикасни институции и подобар живот за граѓаните. Продолжуваме во силно темпо, за доброто на сите граѓани на Република Македонија, истакнува Ѓорѓиевски.

Македонски


