Skip to main content

Сиљановска-Давкова одржа предавање на Правниот факултет во Љубљана на тема „Уставните трансформации на патот кон ЕУ: реформи или уставен инженеринг?“

Фото: Кабинет на претседателката на РМ

Претседателката, д-р Гордана Сиљановска-Давкова, во рамките на посетата на Република Словенија, одржа предавање на Правниот факултет при Универзитетот во Љубљана, на којшто докторирала, на тема: „Уставните трансформации на патот кон ЕУ: реформи или уставен инженеринг?“, пред бројни професори, студенти и претставници на дипломатскиот кор.

Предавањето се однесуваше на природата на уставот, како највисок правен акт и најширок и најважен договор меѓу граѓаните, со акцент на уставните измени како механизам за реформа на политичкиот систем или моделот на организација на власта, заради решавање на општествени проблеми од различен карактер.

Во фокусот беше македонскиот устав и неговите 36 амандмани од 1992 до денес.

Гордана Сиљановска – Давкова оцени дека, нашиот устав, иако формално-правно се вбројува во цврстите устави, често се менуваше, а промените најчесто беа диктирани однадвор, а не се креирани одвнатре, добивајќи карактер на уставен инжењеринг, а не на реформски процес во интерес на граѓаните.

Исто така, претседателката укажа на непочитувањето на процедурата за уставни измени, со што се нарушува легитимноста на новите решенија.

Најпроблематично за Сиљановска – Давкова е што “sui generis” уставните решенија ги слабеат институциите, граѓанинот и граѓанското општество, а ги јакнеат етничките водачи како арбитри во општеството.

Според претседателката, ние имаме насушна потреба од пристојна, модерна држава и демократски, функционален политички систем, сличен и компатибилен со европските.

На предолгиот пат кон Брисел, обременет со препреки врзани за идентитетски прашања, коишто, според европскиот конституционализам не може да бидат услов за евроинтеграција, ние најчесто бевме туркани во уставни измени коишто не водат напред, туку не враќаат назад, закотвувајќи не во ирационални историски ровови.

Гордана Сиљановска – Давкова, преку цитирање мислења на Венецијанската комисија, членови од основачките акти на ЕУ, пресуди на Судот за човекови права од Стразбург, одредби од уставите на други држави, ставови на професори по Уставно и Меѓународно право укажа на правната и политичка проблематичност на Преговарачката рамка и Заклучоците на Европскиот совет за нас, посочувајќи дека преку политичка и/или правна интерпретација, во духот на европското право треба да се надмине status quo состојбата во која се наоѓаме, без да бидеме втурнати во нов чин на уставен инжењеринг, губејќи ја енергијата на политичка ревизија на историјата, наместо на Копенхашки реформи!

Претседателката одговори на бројни прашања, поставени од студенти, колеги и амабасадори, по што следеше дебата со македонските студенти и професори во Словенија.

Поврзани вести