
Во услови кога природниот прираст во Македонија е во значително опаѓање, многу е важно да се зголеми грижата кон жените и целокупната поддршка на женското репродуктивно и семејно здравје, беше кажано денеска на прес-конфренцијата на која Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари (МАГО) говорше за Неделата на женското здравје која се организира по петти пат.
Според најновите демографски податоци од 2025 година, во Македонија се родени 15.500 новороденчиња. Тоа значи дека нашата држава бележи значителен пад во природниот прираст. Ако се навратиме на една деценија порано, кога бројот на новороденчиња беше околу 23.000, може да видиме дека имаме значителен пад од 30% за овие 10 години. Тоа за нас треба да претставува еден аларм, којшто не е само бројка, не само статистика, којшто ќе нѐ наведе да имаме поголема грижа кон жените и целокупна поддршка во женското репродуктивно и семејно здравје, кажа денеска проф. д-р Елена Џикова, членка на Управниот одбор на МАГО.
Во услови кога природниот прираст во нашата држава е во вакво значително опаѓање, значењето на нас гинеколозите-акушерите, на здравствените институции и на целата јавност е особено значајно. Од особено значење е едукацијата и превенцијата, пред сѐ на жените во сите фази од нивниот живот: од најраниот период, од периодот на детство, од периодот на школските години, кога треба да ги научиме да тие знаат како да постапуваат со своето здравје, како да го чуваат своето здравје, но особено во репродуктивниот период и во период на бременост кога тие се најранливи. Оттука доаѓаме до тоа дека редовните акушерски прегледи во текот на бременоста се многу важни од самиот почеток на бременост, бидејќи современата медицина нуди нови методи за предикција и превенција на различни компликации коишто може да настанат во текот на бременоста, изјави д-р Џикова.
Проф. д-р Џикова кажа дека токму затоа е осмислена и оваа национална платформа Недела на женското здравје, со цел обединување на стручната јавност, на институциите и на граѓаните околу една заедничка цел, а тоа е зачувување на здравјето на жените, пред сѐ на мајките и на новороденчињата, бидејќи здравјето на жената е темел на секое општество и темел на секој дом и секое семејство.
Спец. д-р Илир Шурлани, член на УО на МАГО, кажа дека има голем број случаи кога жените доаѓаат предоцна. Не затоа што тие немале симптоми, но затоа што немале храброст или навика навреме да се пријават на преглед. Токму затоа, докторите апелираат дека превенцијата спасува живот.
Особено е важно да допреме до младите девојки и до младата трудна популација. Тие треба да знаат дека грижата за сопственото здравје не треба да претставува страв, туку зрелост, одговорност и љубов кон себе и здравјето на семејството. Ние како здравствени работници имаме должност не само да ги лекуваме, туку и да ги едуцираме, охрабруваме и да градиме заемна доверба. Сакаме секоја жена да се чувствува безбедно, информирана и поддржана. Да работиме заедно да редовните гинеколошки прегледи станат навика, а не посета само кога ќе има потреба, затоа што женското здравје не смее да чека, рече д-р Шурлани.
Проф. д-р Глигор Тофоски, претседател на МАГО кажа дека примарна обврска на Македонска асоцијација на гинеколози и опстетричари, во склоп на Македонското лекарско друштво, е да ги едуцираат лекарите за она што е најново во медицината, за сите промени коишто се случуваат и да им дадат знаење да можат да ја пружат најдобрата здравствена заштита за своите пациенти.
Меѓутоа, пред пет години решивме дека нашата улога не треба да заврши само тука, треба да дадеме еден поширок осврт, малце да ги едуцираме и нашите партнери во процесот на лечење, а тоа се нашите жени, нашите пациенти, нашите новороденчиња и нашите мажи со коишто го лекуваме инфертилитетот заедно. Затоа и ја осмисливме оваа кампања којашто оди и на светско ниво и се вика Недела на женско здравје, во втората недела во месец мај. Сите наши членови се активно ангажирани да ги споделат своите искуства, да, како што рекоа и моите колеги, ги на некој начин мотивираме да дојдат порано, да го испитаат своето здравје, превенцијата да ја сфатат сериозно, затоа што превенирањето и раната дијагностика прават да може болеста или ситуацијата, состојбата да се излечи и да продолжат да живеат нормално. Доколку се открие одредена причина доцна, дури и најмодерните медицински методи некогаш не можат целосно да да помогнат, изјави д-р Тофоски.
Оваа година, во Неделата на женското здравје од МАГО најавија многу различни теми. Една од темите е најактуелна сега и во светски рамки, а тоа е онаа патологија којашто гинеколозите ја нарекуваат синдром на полицистични јајчници. Од завчера, веќе на светско ниво се вика полиендокрино-метаболно-оваријално заболување, односно синдром.
Во склоп на Неделата на женско здравје освен темата за полиендокриното-метаболно-оваријално заболување, имаме теми што се однесуваат на она за коешто навистина сериозно работевме и целата година. Објавивме еден водич минатата година за перинатално ментално здравје, за здравјето на мајките во пред, во текот и после породувањето, и објавивме водич за перименопауза, којшто е исто така наменет пред сѐ за здравствените работници, да ги препознаат со најновите алатки симптомите и како навреме да им помогнат на жените. Имаме еден дел посветен на високоризичните бремености, на оние пациенти коишто и пред да останат бремени имаат определени здравствени ситуации – дали се тоа тромбофилии, дали е тоа сѐ почесто дебелината, обезитетот пред да останат бремени, или со определени автоимуни заболувања и можните компликации, односно кога би имале тие дозвола да останат бремени, како и она што исто така многу малку се зборува, а очигледно има потреба, тоа се хроничните уринарни тегоби, значи една состојба којашто кај жената може да направи голем дискомфор, големи социјални, да кажеме, исклучувања и проблеми во севкупното однесување, не само сексуалното, туку и во односот со околината и со луѓето, а за коешто веќе неколку години по ред продолжуваме да да збориме. Последната тема, но не најмалку битна, е единствената вакцина којашто може да помогне да се превенира и евентуално да се искорени цервикалниот карцином, а тоа е вакцината ХПВ, којашто сите знаете дека ние одамна ја зборуваме, веќе е задолжителна и за момчињата и за девојчињата, и има некој опфат од 56, 7, 8%, што сепак е незадоволително. Значи, сепак сѐ уште треба да се работи да дојдеме до она ниво коешто го имаат високоразвиените земји, а тоа е преку 90%, изјави проф. д-р Тофоски.

Македонски

