Skip to main content

Андреас Трајковски ја отвора сезоната со амбиции за нов македонски рекорд и настап на Европското првенство во Бирмингем

Во пресрет на претстојниот Сениорски куп на Македонија во атлетика, беше најавен почетокот на новата натпреварувачка сезона за македонскиот рекордер во скок во далечина Андреас Трајковски, како и новото партнерство помеѓу АК Работнички и Jumpers World Sportswear.

На денешната прес-конференција присуствуваа претседателот на клубот Кире Синадиновски и Андреас Трајковски, кои ги презентираа амбициите за претстојната сезона, меѓународните настапи што следуваат, како и плановите за поддршка и развој на младите атлетичари.

„Андреас се наоѓа во одлична форма и очекуваме оваа сезона да го покаже најдоброто во својата дисциплина – скок во далечина. Со настапот на Сениорскиот куп на Македонија, кој овој викенд се одржува во Скопје, тој ја отвора натпреварувачката сезона на отворено. Во следниот период го очекуваат неколку меѓународни настапи, а главната цел е да обезбеди пласман преку ранкинг системот за претстојното Европско првенство во атлетика во Бирмингем, по што следува и настап на Медитеранските игри во Таранто, Италија, каде што целта ќе биде борба за медал“, посочи Синадиновски.

На пресот беше претставено и новото партнерство кое го поврзува спортскиот бренд на Андреас Трајковски со клубот, како и иницијативата за поддршка на младите атлетичари.

Како клуб, неизмерно сме горди што го најавуваме партнерството помеѓу Jumpers World Sportswear — спортскиот бренд на Андреас Трајковски — и Атлетскиот клуб Работнички. Оваа соработка претставува заедничка визија за амбиција, дисциплина и континуиран развој на атлетиката, како на тартанот, така и надвор од него. Андреас одлучи да донира спортска опрема за младите и талентирани атлетичари од клубот, со цел дополнително да ги мотивира и поддржи во остварувањето на што подобри резултати во нивните кариери“, истакна Синадиновски, претседател на АК Работнички.

Трајковски истакна дека во новата сезона очекува дополнително да го подобри сопствениот македонски рекорд во скок во далечина. 

„Се чувствувам одлично и во оваа натпреварувачка сезона очекувам да го надминам мојот најдобар резултат кој е и македонски рекорд во скок во далечина од 7.91 метри, а зошто да не и да ја прескокнам магичната граница од 8 метри. Се надевам дека ќе обезбедам пласман за Европското првенство во Бирмингем, а таму мојата цел ќе биде да влезам во уште едно финале за Македонија, како што

беше случај минатата сезона на Европското првенство во сала во Холандија, и да ја направам горда македонската спортска јавност.

Македонскиот рекордер во скок во далечина се осврна и на новото партнерство помеѓу неговиот спортски бренд и клубот, како и на значењето на поддршката за младите атлетичари.

„Нашата мисија отсекогаш била да ги поддржуваме атлетичарите со висококвалитетна спортска опрема, истовремено градејќи силна спортска култура околу атлетиката. Најважно од сè е поддршката на младата генерација, бидејќи тие се иднината на нашиот спорт. Инвестирањето во младите атлетичари, создавањето можности и помагањето во нивниот развој е клучно за иднината на атлетиката. Преку ова партнерство се надеваме дека ќе ја инспирираме и мотивираме следната генерација да сонува за поголеми успеси и да работи понапорно. Возбудени сме за сè што ќе изградиме заедно и со нетрпение очекуваме успешна иднина со АК Работнички. Jumpers World Sportswear веќе ги опремува атлетските клубови Црвена Звезда и Младост, и се надеваме сè повеќе клубови од Македонија ќе се одлучат за овој спортски бренд“, нагласи Андреас Трајковски.

Поврзани вести