
Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека напнатоста во односите со британскиот премиер Кир Стармер нема да ја засени државната посета на британскиот крал Чарлс на САД, пренесе ДПА.
Трамп го опиша кралот Чарлс како „чудесен“, а во импровизирано телефонско интервју за „Скај њуз“ изјави дека со нетрпение очекува „едноставно да биде“ со кралот.
Четиридневната посета ќе се реализира, потврди вчера Стармер во Парламентот одговарајќи на пратенички прашања. Тој го стори тоа откако повторно беше предизвикан од лидерот на Либералните демократи, Ед Дејви, кој побара посетата да биде откажана. – Претседателот Трамп е еден од најнепредвидливите луѓе што сме ги виделе на светската сцена и се надевам дека нема да го доведе нашиот монарх во непријатна положба – изјави Дејви.
Односите меѓу британскиот премиер и американскиот лидер се напнати, откако Трамп го оцени пристапот на Обединетото Кралство кон војната со Иран како „страшен“ и повеќепати упати навреди кон Стармер, изјавувајќи во еден момент дека тој „не е Винстон Черчил“.
На прашањето од Марк Стоун од „Скај њуз“ дали „напнатите односи со премиерот Стармер би можеле да ја засенат кралската посета“, Трамп одговори: „Во никој случај. Го познавам кралот одамна и тој не е вклучен во овој процес“.
Дипломатијата на „меката моќ“ на монархијата е нејзиното најсилно оружје во поддршката на британските интереси во странство, а од „Даунинг стрит“ се надеваат дека Чарлс и кралицата Камила можат да помогнат во зајакнувањето на „специјалните односи“ меѓу Велика Британија и САД.
Прашан кој дел од државната посета, која започнува кон крајот на месецов, го очекува со најголемо нетрпение, Трамп одговори: „Само да бидам со него, го познавам одамна. Тој е чудесен, чудесен човек“.
Првата средба на Чарлс и Камила со претседателот и првата дама на САД ќе биде на чај. Подоцна Трамп и кралот ќе разговараат во познатата Овална соба на Белата куќа, додека Камила и Меланија Трамп ќе учествуваат на посебен заеднички настан.
Оваа историска посета, прва на Чарлс во САД во својство на монарх, ќе ја одбележи 250-годишнината од американската независност и ќе ги означи прославите низ целата земја, при што кралската двојка ќе го одбележи овој значаен момент на „улична забава“.

Македонски


