Skip to main content

САД ги префрлија разговорите меѓу Израел и Либан во Белата куќа

Преговорите на амбасадорско ниво меѓу Израел и Либан под покровителство на САД, кои треба да се одржат денеска, се преместени од Стејт департментот во Белата куќа, изјави израелски извор за „Тајмс оф Израел“.

Преговорите треба да започнат во 16 часот по локално време. Промената на местото на одржување во последен момент укажува на тоа дека американската администрација им придава зголемено значење на разговорите, наведува израелскиот медиум.

Извор од либанската амбасада изјави за весникот „Ан-нахар“ дека се очекува Либан на состанокот да побара едномесечно продолжување на примирјето.

Како што е најавено, на преговорите ќе присуствува и американскиот државен секретар Марко Рубио, додека Израел ќе биде претставен од амбасадорот во Вашингтон, Јехиел Лајтер, а Либан од својата амбасадорка во САД, Нада Моавад.

Непријателствата меѓу либанската милитантна група Хезболах и Израел започнаа на 2 март, кога групата истрела ракети и беспилотни летала кон Израел во знак на поддршка за Иран. Израел одговори со напади врз јужен Либан и јужните предградија на Бејрут, за кои наведе дека се упоришта на Хезболах.

Пред постигнувањето на десетдневното примирје, Израел во средината на март презеде и ограничена копнена офанзива во јужен Либан.(МИА)

Поврзани вести