Skip to main content

Орбан се откажа од блокада на планираниот пакет за поддршка на ЕУ за Украина

Унгарија се откажа од својата повеќемесечна блокада на планираниот пакет за поддршка на ЕУ за Украина тежок милијарди евра. Владата на премиерот на заминување Виктор Орбан во Брисел се согласи со одлука што треба да овозможи заем до 90 милијарди евра, изјавија повеќе дипломати за германската агенција ДПА. Новите средства ѝ се потребни на Украина за продолжување на борбата против Русија, како и за други државни потреби и задачи.

Дополнително, постојаните претставници на земјите членки на ЕУ во Брисел успеаја да покренат нов пакет санкции против Русија. Тој има за цел дополнително да ги намали приходите на Русија од продажбата на гас и нафта. Исто така, се предвидува уште финансиски институции да бидат исклучени од меѓународниот платен систем и да се воведат дополнителни трговски ограничувања. Пакетот беше блокиран и од Унгарија и од Словачка.

Формалните одлуки сега треба да се донесат преку писмена постапка, која треба да заврши до 24 апрол. Тоа би можело единствено да пропадне ако дотогаш не пристигнат планираните испораки на руска нафта во Унгарија и Словачка.

За да ги натера Орбан и словачкиот премиер Роберт Фицо да се откажат од ветото, Украина во вторникот (21.04) овозможи повторно ставање во функција на гасоводот „Дружба“. Преку него руска нафта преку украинска територија се испорачува во Унгарија и Словачка.

Орбан ја обвини Украина дека од политички причини ги блокира испораките на руска нафта преку гасоводот и својата согласност за нова помош од ЕУ ја услови со повторното пуштање во работа на нафтоводот. Владата во Киев ги отфрли обвинувањата и нагласи дека гасоводот морал да биде поправен по руските воздушни напади во јануари.

Унгарската блокада во последните недели предизвика огорченост и критики – особено затоа што Орбан веќе се согласил со концептот за заем на самитот на ЕУ во декември. Десниот популист сепак успеа со своите барања и ја принуди Украина повторно да го воспостави функционирањето на нафтоводот.

Сепак, по поразот на Орбан на парламентарните избори пред околу една и пол недела, во Украина и во други земји на ЕУ постои надеж дека идниот премиер Петер Маѓар ќе води поинаква политика и ќе блокира помалку во Брисел. Орбан, на пример, го блокираше и процесот за пристапување на Украина во ЕУ, нешто на што јасно се противи и Маѓар.

Од новата финансиска помош за Украина од 90 милијарди евра, 60 милијарди се наменети за трошоци поврзани со одбраната. Половина од средствата треба да бидат исплатени уште оваа година, а дополнителни 45 милијарди би можеле да следат следната година.

Финансискиот концепт предвидува средствата за заемот да се обезбедат под поволни услови на пазарот на капитал. Украина ќе треба да ги врати парите само ако Русија по завршувањето на војната исплати отштета за направените штети. Покрај тоа, се предвидува за отплата да се искористат замрзнатите руски средства во ЕУ доколку Москва не плати обесштетување.

Пакетот санкции против Русија што сега е покренат всушност требаше да стапи во сила уште во февруари, на четвртата годишнина од руската инвазија. Во енергетскиот сектор се предвидува забрана за компаниите од ЕУ да учествуваат во поправка на руски рафинерии оштетени од украински напади. Исто така, се забрануваат трансакции со пристанишни терминали во Русија и во трети земји, како и услуги за ЛНГ-терминали и одржување на руски ЛНГ-танкери и мразоломци. Се укинува и досегашното изземање за гасни кондензати во рамки на забраната за увоз на руска сурова нафта.

Покрај тоа, ќе бидат санкционирани руски и странски компании што го поддржуваат рускиот воено-индустриски комплекс, вклучително и фирми од трети земји. Со цел да се намалат приходите на Русија, се предвидуваат и забрани за увоз на дополнителни метали, хемикалии и критични суровини. Според ЕУ, тоа би можело да ги намали приходите на земјата за околу 570 милиони евра годишно.

Сепак, не беше постигнат конечен договор за целосна забрана на сите поморски услуги поврзани со транспортот на руска сурова нафта. Причината беше пред сè загриженоста на земји како Грција, кои стравуваат за конкурентноста на своите бродски компании.

Досега, поморските услуги се забранети само за бродови и компании што не се придржуваат до западниот ценовен плафон за нафтата. Во тие услуги спаѓаат, на пример, осигурување, чартер-превоз и технички услуги како одржување и поправка.

извор Дојче веле

Поврзани вести