Skip to main content

Во втората половина на јуни со коалициските партнери ќе разговараме за идните чекори во работењето на Владата, најави Мицкоски

Во втората половина на јуни ќе седнеме со владините партнери за да разговараме за натамошните чекори во однос на работата на Владата – изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за оставката на вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи и за реконструкцијата на Владата.

Во втората половина на јуни ќе седнеме со владините партнери и ќе разговараме за понатамошните чекори. Тогаш ќе се добие и појасна слика за идната структура – рече Мицкоски по отворање на новиот базен „Карпош“.

Во врска со тоа какви други промени ќе има, Мицкоски рече дека тоа е динамичен процес и дека во моментот се посветени на внатрепартиските реорганизации и преструктуирања.

Планираме тие активности да ги завршиме до средината на јуни, а потоа, во втората половина на месецот, да седнеме со коалициските партнери и да разговараме за следните чекори – додаде Мицкоски.

Во врска со здравствената состојба на градоначалникот на општина Карпош, Сотир Лукровски, истакна дека тоа е лично прашање.

Тоа се лични прашања и навистина не би сакал да ги коментирам. Ги осудувам сите политички актери што се обидуваат да добијат политички поени врз туѓа мака и лични околности – изјави премиерот.

Поврзани вести