
Со двојна премиера на претставата „Оркестар Титаник“ од авторот Христо Бојчев, а во режија на Андреј Цветановски, Народниот театар од Охрид ќе прослави петнаесет години постоење како дел од центарот за култура “Григор Прличев” – Охрид.
Актери кои играат во претставата се: Никола Тодороски, Стрезо Стаматовски, Верица Недеска, Филип Кипровски и Томе Станковски. Костимите и сценографијата се на Сергеј Светозарев.
За претставата и јубилејот, режисерот Цветановски ќе рече: „Надежта е основна категорија на човековото постоење. Она што не издвојува и на прави луѓе. Ако немаш надеж, ништо не си. Овие луѓе живеат на напуштена железничка станица и сонуваат за својот воз, за својот брод, за својот излез, за своето постоење. Низ таа потрага тие наоѓаат нешто што го имаат заборавено – сопственото јас и за што постојат овде.“
Со оваа премиера се прославува 15 години од формирањето на театарот. На 3 јуни ќе се случи 46. пат да се отворат вратите за нова претстава која охридската публика ќе ја погледне за прв пат.
Претставата покрај во среда – 3 јуни 2026, охридската публика ќе може да ја погледне и во петок, на 5 јуни со почеток во 20:00 часот.
Програмата на јубилејот повод 15 годишнината од формирањето на Охридскиот Театар, ќе започне во 19:00 часот со свечено отворање на изложбата „Историска патека на театарски претстави“ – ретроспективен времеплов преку серија на костимско сценски поставки од досегашните претстави во продукција на Народен Театар – Охрид. Изложбата ќе биде отворена за посетителите и во наредните денови.

Македонски


