
Германскиот канцелар Фридрих Мерц на заедничка прес-конференција со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека Германија ја поддржува европската перспектива на Турција, но само ако Анкара ги исполни Копенхашките критериуми – владеење на правото, човекови права и функционална пазарна економија.
Ердоган одговори дека, покрај тие, постојат и „Критериуми од Анкара“, додавајќи дека Турција е демократска држава која се простира и во Европа и во Азија и нема проблем со стандардите.
На средбата, одржана во пријателски тон, беше потврдено и дека Германија ќе дозволи продажба на борбени авиони „Еурофајтер“ на Турција, но двајцата лидери останаа поделени во ставовите за конфликтот во Газа.
Мерц истакна дека Израел има право на самоодбрана по терористичкиот напад на Хамас на 7 октомври 2023 година, во кој загинаа над 1.000 лица. Тој нагласи дека Германија работи за траен мир во регионот, но „тоа не може да се постигне со учество на Хамас во управувањето со Газа“.
Ердоган му одговори дека не може да се согласи со оваа позиција и оцени дека „во рацете на Хамас нема бомби, но Израел има сè“, обвинувајќи го Тел Авив за геноцид и глад како средство за контрола.
– Во овој процес беа убиени речиси 60 илјади деца, жени и постари лица. Германија нели го гледа тоа?, праша Ердоган.
Тој, исто така, рече дека Турција работи на снабдување на населението во Газа со храна преку Црвената полумесечина, и додаде дека исто како што Анкара сака крај на војната меѓу Русија и Украина, така сака и крај на војната меѓу Израел и Газа.

Македонски








