
Во сегашниот геополитички контекст зајакнувањето на нашиот единствен пазар повеќе од кога било досега претставува итен стратешки императив бидејќи тој може да биде моќен двигател за граѓаните и компаниите, наведува претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, во поканата упатена денеска до шефовите на држави или влади на членките на Европската Унија за учество на неформалниот самит на ЕУ на 12 февруари во замокот Алден Бисен во источна Белгија.
Треба да направиме повеќе за ефикасно намалување на националните бариери и да ја направиме регулаторната рамка на сите нивоа, вклучително и на европско ниво, поповолна за инвестиции, иновации и раст на компаниите. На пример, преку создавање нов 28. режим, што може да им помогне на компаниите да се зголемат, вклучително и со намалување на административните оптоварувања. Забрзувањето на работата на Унијата за штедење и инвестиции, за подобро насочување на заштедите кон продуктивни инвестиции во Европа, исто така ќе биде клучна компонента на овој напор – наведува Кошта во поканата.
Според него, покрај потребата за продлабочување, хармонизирање и понатамошно интегрирање на рдинствениот пазар на ЕУ, на многу од европските компании, во клучните сектори, како што се дигиталниот, телекомуникациите, пазарот на капитал и енергетиката, им недостигаат потребните вештини за да ги постигнат нивоата на инвестиции и иновации потребни на глобалниот пазар.
Европа е отворена за трговија. Европската Унија со право ја унапредува својата агенда за диверзификација на трговијата неодамна со економската сила Индија. Но, нашата отвореност не треба да се меша со слабост. Европа мора и да ја забрза својата амбициозна трговска агенда и да ги заштити своите компании од нелојална конкуренција преку фокусирана заштита во стратешките сектори. Правилата што дозволуваат европски преференции во некои стратешки области и систематски пристап кон економско намалување на ризикот ќе мора да бидат дел од оваа равенка – наведува Кошта во поканата.
Според него, дискусијата на самитот ќе биде посветена на тоа како треба да се позиционира Европската Унија во актуелниот геоекономски контекст на зголемена и не секогаш фер економска конкуренција и трговски нерамнотежи и кои треба да бидат нејзините главни приоритети, внатрешна стратегија и политики за продлабочување и комплетирање на единствениот европски пазар.
Ги поканив Марио Драги и Енрико Лета да ни се придружат за да ги споделат своите визии за европската конкурентност и како тие еволуирале од објавувањето на нивните два револуционерни извештаја – додава Кошта во поканата.
Неформалните самити се собири на лидерите на ЕУ на кои не се носат никакви формални одлуки, туку само се разговара и се разменуваат мислења за одредени актуелни прашања.

Македонски



