
Во Македонска Каменица продолжуваат активностите за подобрување на комуналната инфраструктура и условите за живот на граѓаните, преку реализација на конкретни проекти во повеќе делови од градот.
Како што информира за МИА градоначалничката на Општина Македонска Каменица, Соња Стаменкова, во населбата Цинкара, на улицата Церска, во тек е изградба на канализациска мрежа, со што ќе се овозможи приклучување на околу десет домаќинства.
Со оваа инвестиција се решава долгогодишен инфраструктурен проблем за жителите од овој дел на градот, а со приклучувањето на новите корисници ќе се подобрат санитарно-хигиенските услови и квалитетот на живеење“, истакна Стаменкова.
Покрај активностите во населбата Цинкара, локалната самоуправа како што додаде работи и на уредување на градскиот базен во Македонска Каменица.
Целта е негово целосно оспособување и подготвеност за користење во наредниот период. Ваквите зафати се дел од пошироката стратегија за унапредување на јавната инфраструктура и создавање подобри услови за секојдневниот живот на граѓаните. Остануваме посветени на инфраструктура и подобар квалитет на живот“, истакна градоначалничката Стаменкова, нагласувајќи дека и во наредниот период ќе продолжат инвестициите во проекти од значење за локалната заедница.
Со реализацијата на овие активности, Општина Македонска Каменица продолжува со вложувања насочени кон подобрување на комуналните услуги и унапредување на условите за живот во градот.

Македонски


