
ВМРО-ДПМНЕ и Демократската партија на Турците на Македонија (ДПТМ) денеска потпишаа Договор за политичко партнерство, соработка и поддршка, со што парламентарното мнозинство се зголемува на 59 пратеници. По потпишувањето на договорот, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски оцени дека станува збор за значаен чекор кон зацврстување на парламентарното мнозинство и политичката стабилност.
Мицкоски истакна дека партнерството со ДПТМ е засновано врз доверба, заемно почитување и заедничка определба за работа во интерес на граѓаните.
Со потпишувањето на Договорот за политичко партнерство, соработка и поддршка со Демократската партија на Турците на Македонија испраќаме јасна порака дека кога станува збор за интересите на граѓаните и иднината на државата, постои простор за обединување околу заеднички вредности, принципи и цели. Ова партнерство е засновано врз доверба, заемно почитување и искрена определба да се работи во интерес на сите граѓани – рече Мицкоски.
Премиерот нагласи дека турската заедница е нераскинлив дел од македонското општество и оцени дека соработката е доказ дека политиките можат да обединуваат, а не да разделуваат. Осврнувајќи се на политичките состојби, Мицкоски рече дека со новото партнерство владејачкото мнозинство располага со 59 пратеници, но дека тоа не го смета за привилегија, туку за поголема одговорност.
Со денешното политичко партнерство владејачкото мнозинство брои 59 пратеници. Тоа за нас не е причина за самозадоволство, ниту политичка привилегија. Напротив, тоа е уште поголема обврска и уште поголема должност кон граѓаните. Колку е поголема довербата што ја добиваме, толку е поголема и нашата одговорност да испорачаме резултати – истакна Мицкоски.
Одговарајќи на новинарско прашање за застапеноста на ДПТМ во извршната власт, Мицкоски најави дека партијата ќе добие министерско место во Владата.
ДПТМ ќе биде дел од владиниот кабинет, ќе има министер и ќе го претставиме неговото име во јавноста наскоро, откако ќе заврши реконструкцијата во понеделник или вторник… Во текот на следната недела предлогот ќе биде доставен до пратениците. Членот во владиниот кабинет и неговите обврски ќе бидат претставени пред јавноста идната недела – изјави Мицкоски.
Тој додаде дека очекува ДПТМ да предложи кандидати и за други институции и нагласи дека политичката соработка е замислена како долгорочно партнерство и за наредните парламентарни циклуси.
Претседателот на ДПТМ, Бејџан Илјас, оцени дека договорот претставува усогласување на програмските определби и заедничката визија за стабилна и европска држава.
Овој договор е усогласување на нашите програмски определби и заедничката визија за стабилна и европска Македонија. За Демократската партија на Турците учеството во Владата претставува чест, но и одговорност. Нашиот приоритет ќе биде учество во развојот на државата, унапредувањето на правата на турската заедница и нејзината институционална застапеност и зачувувањето на јазичниот и културниот идентитет – рече Илјас.
Тој додаде дека согласно коалицискиот договор ДПТМ ќе има свои претставници и на други одговорни позиции во државните институции и дека партијата ќе биде конструктивен партнер во интерес на турската заедница и на сите граѓани.
На прашање како дошло до соработката со ВМРО-ДПМНЕ, со оглед дека ДПТМ претходно беше дел од Европскиот фронт, Илјас рече дека партијата го раскинала договорот со таа коалиција уште пред локалните избори.
Веројатно не сте информирани дека ние во изминатиот период, веќе една година имаме раскинато договор со Европскиот фронт пред локалните избори. Во Собранието делувавме како независна партија, затоа не дека се направи пресврт, туку сега успеавме да се договориме и направивме коалиција со ВМРО-ДПМНЕ за долги години – рече Илјас.

Македонски



