
Во Делчево во моментов се реализираат 16 проекти, а работите продолжуваат и покрај предизвиците со кои се соочува општината, изјави премиерот Христијан Мицкоски при посетата на оваа општина.
Мицкоски му честиташе на градоначалникот за, како што рече, посветената работа, посочувајќи дека Делчево е една од повеќе од 1.200 локации низ Македонија каде што во моментов се реализираат проекти.
Во Делчево како што гледате се гради, како што се гради во суштина и на повеќе од 1.200 локации низ цела Македонија. Десетици проекти се реализираат овде во оваа општина и ја користам оваа прилика да му честитам на градоначалникот за навистина посветената работа – изјави Мицкоски.
Премиерот се осврна и на проблемот со блокираната сметка на општината, при што изрази очекување дека до крајот на мандатот таа ќе биде одблокирана, со цел локалната самоуправа да може нормално да функционира.
Очекувам дека во овој мандат таа сметка ќе биде одблокирана за да може општината да функционира нормално – рече Мицкоски.
Тој нагласи дека Владата останува посветена на поддршката на општините преку реализација на проекти кои директно влијаат врз квалитетот на живот на граѓаните.
Според него, дел од проектите во Делчево се реализираат преку средства обезбедени од Владата, а дел преку сопствениот буџет на општината.
Добро е кога се оди приоритет по приоритет. Еве слушнавте и вие – 16 проекти во моментов општината ги реализира преку онаа реалокација на финансиски средства од Владата кон општината, останатите од сопствени сили, од сопствен буџет ќе се реализираат – посочи премиерот.
Мицкоски информираше и дека е направен чекор напред за експресниот пат Кочани – Виница – Делчево, за кој е распишан тендер за проектно решение и физибилити студија.
Тој порача дека Владата ќе продолжи со поддршка на локалните самоуправи и реализација на проекти кои се од интерес на граѓаните.

Македонски



