Skip to main content

И по укажувањата на Врховен: Судскиот совет повторно ги разреши судијките за „Телеком–Фокуснет“

Freepik

Со девет гласа „за“, Судски совет на Република Македонија повторно донесе одлука за разрешување на судијките Наташа Савовска Димитровска и Роза Георгиева од Апелационен суд Скопје, кои беа дел од судечкиот совет во предметот „Телеком–Фокуснет“. Истовремено, третата судијка во случајот, Јетмире Ајдини, доби парична санкција. Одлуката е правосилна и не може да биде предмет на жалба.

Иако претходното разрешување беше поништено од Врховен суд на Република Македонија, кој наложи предметот повторно да се разгледа, Судскиот совет по втор пат донесе идентична одлука. Седницата на која беше изгласана одлуката се одржа попладнево и заврши со целосна поддршка од присутните членови.

Предметот „Телеком–Фокуснет“ е еден од најдолготрајните судски спорови во земјава и трае повеќе од 20 години. Се однесува на тужба поднесена од интернет-провајдерот „Фокуснет“ од Штип против телекомуникациската компанија „Телеком“, по која Апелациониот суд донесе пресуда со која компанијата беше обврзана да исплати околу четири милиони евра оштета.

При повторното разгледување на случајот, Судскиот совет констатирал сериозни пропусти и прекршувања во начинот на кој Апелациониот суд постапувал по предметот. Токму на овие неправилности укажала судијката Јетмире Ајдини, која информирала дека постојат два различни записника од исто рочиште, при што, според нејзините наводи, еден од нив бил фалсификуван.

И покрај ваквите тврдења, Ајдини беше санкционирана со парична казна, додека против останатите две судијки беше изречена најстрогата дисциплинска мерка – разрешување од судиската функција.

Покрај дисциплинската постапка, Основно јавно обвинителство отвори и предистражна постапка за можни злоупотреби и незаконитости при носењето на пресудата, што дополнително го актуелизира прашањето за одговорноста и довербата во судскиот систем.

Поврзани вести