Skip to main content

Да им се одземаат возилата на возачите што прават тешки рекршоци во сообраќајот, предложи Филипче

Да им се одземаат возилата на возачите што прават тешки рекршоци во сообраќајот, предложи денеска претседателот на СДСМ Венко Филипче.

Тој најави дека неговата партија на претстојната јавна расправа во Собранието ќе предложи неколку законски измени.

– Добро што ќе има јавна расправа во Собранието за законски измени за зајакнување на безбедноста во сообраќајот. Ние како партија деновиве работиме на одредени предлог законски решенија, од кои едното се однесува на одземање на возилото, меѓудругото, како една од мерките во потешките случаи – рече Филипче.

На новинаrско прашање дали смета дека ја постигнале целта кога како власт во 2021 година ги намалија казните за безбедност во сообраќајот, тој истакна дека секој немил настан треба да биде поттик за подобрување на системот.

– Имаме два конкретни предлога како партија. Прво, да има присутен полицаец пред и во секое училиште за време на наставата. Тој полицаец би се грижел за безбедноста на влезот во училиштето и на пешачките премини и секако за безбедноста на училиштето, гледајќи што се случува со некои инциденти во регионот. И вториот предлог ќе биде сериозно заострување на казните за најтешките прекршоци во сообраќајот, кои што дури ќе вклучуваат и одземање на возилото по примерот на некои европски земји – изјави Филипче.

Во Собранието в петок ќе се одржи јавна расправа за законски измени за зајакнување на безбедноста во сообраќајот, на барање на пратеничките групи на ВМРО – ДПМНЕ, „Вреди“ и ЗНАМ, а поддршка дадоа и Левица и Европскиот фронт.

Иницијативата следува по трагичната сообраќајна несреќа минатата недела, на 29 јануари, во која животот го загуби 22-годишната студентка од Неготино, Фросина Кулакова. Таа беше прегазена на пешачки премин на булеварот Партизански одреди во Скопје на 29 јануари од 20-годишниот Васил Јованов, за кого беше објавено дека возел пијан, без возачка дозвола и поминал на црвено светло.  Настанот предизвика револт во јавноста, особено по сознанијата дека сторителот и претходно бил во судир со законот, а во моментот кога го сторил делото се уште бил на слобода.

Тој ќе одговара за најтешко кривично дело во областа на безбедноста на сообраќајот и тоа со умисла, за што може да добие затворска казна од 4 до 20 години.

Поврзани вести