
Македонската кинематографија годинава ќе биде претставена на 31. Сараево Филм Фестивал со три филма во официјалните натпреварувачки програми, четири меѓународни копродукции со македонско учество и претставници во престижните индустриски програми на фестивалот, соопшти Агенцијата за филм.
Во Натпреварувачката програма за долгометражен игран филм ќе бидат прикажани „17“ во режија на Косара Митиќ и „Скејтбординг не е за девојчиња“ во режија на Дина Дума.
Во Натпреварувачката програма за документарен филм ќе биде прикажан „Добри луѓе“ на Милчо Манчевски. Иако филмот не е поддржан од Агенцијата за филм, неговиот избор во официјалната селекција претставува значајно признание за македонската кинематографија.
Во програмата In Focus е избран филмот „МАЈКА“ на Теона Стругар Митевска, продуциран од Лабина Митевска.
Македонското присуство е дополнето и со копродукциите:
„Shame and Money“ („Срам и пари“), во режија на Висар Морина, македонски копродуцент е Лист Продукција – Натпреварувачка програма за долгометражен игран филм;
„Berna’s Eyes“ („Очите на Берна“), во режија на Ермал Гердовци, македонски копродуцент е Слобода филм – краткометражна програма Vienna Triangle;
„The Lost Son“ („Изгубениот син“), во режија на Дарко Штанте, македонски копродуцент е Кавал филм – Open Air Premiere;
„Our Father“ („Оче наш“), во режија на Горан Станковиќ, македонски копродуцент е Дрим Фектори – BH Film Programme.
Во рамките на индустриската програма, директорот на Агенцијата за филм ќе биде панелист на дискусијата „AI in the Film and Audiovisual Sector: A Threat or a Tool?“, а режисерката Дина Дума ќе учествува како говорник и ментор во рамките на Talents Sarajevo.
Силното присуство на македонските филмови, автори и професионалци уште еднаш ја потврдува меѓународната видливост, креативниот потенцијал и континуираниот успех на македонската кинематографија.

Македонски


