Skip to main content

Добриот Трамп – лошиот Трамп

Facebook/The Wnite house

Состојбата во Македонија во вториот мандат на Трамп е неспоредливо подобра отколку што беше во минатото. Македонските политичари сакаат да кажат дека како држава независноста им ја должиме на САД и на нивната интервенција во Балканот, распоредувањето на симболични воени единици на нашата граница со Србија и дипломатските притисоци да не се дозволи проширувањето на српските војни кон југ. Не го спомнуваме моментот дека таа „независност“ ја плаќавме со интензивно американско влијание врз сите процеси во нашата држава. Многупати тоа влијание беше позитивно, со сериозни и успешни инвестиции и трансфер на знаење и технологии (процеси кои најчесто се одвиваа меѓу приватни граѓани и компании, со знаење и согласност на властите).

Од друга страна, процесите кои се одвиваа по налог на американските власти не беа толку позитивни. Македонија беше изложена на отворено мешање на американските власти во нашата политика, честопати и на локално ниво, микро-менаџирање на политичките партии, бирање на лидери и уривање на цели политички гарнитури зависно од интересите на гарнитурата која не надгледува од Калето. Постојана нишка во овие децении на интервенционизам беше американската поддршка за албанскиот фактор и за левата одродена политичка опција кај Македонците, како и поддршка за стратегиите на нашите соседи против нас (пред се Грција и Косово).

САД ги поддржуваа политичките цели на нивните албански сојузници во Македонија во војната во 2001 година – наместо да ги отповикаат УЧК единиците кои дотогаш интензивно ги вооружуваа и обучуваа против Србија и да им наложат да ја остават македонската држава на мира, тие добија дипломатска поддршка да бараат отстапки кои го сменија карактерот на нашата држава. Закрилата на САД значеше дека политичкото крило на УЧК во Македонија ќе биде заштитено од истраги од нивните воени злосторства до обичен простачки криминал, затоа што е потребно да служи како контролен механизам врз македонските партии. САД ни го признаа името во замена за територијални отстапки кон албанскиот фактор во 2004 година, за по само неколку месеци да ни кажат дека сепак ќе мора да продолжиме да преговараме за името со Грција (дека признавањето практично било маалска финта). САД ја организираа и финансираа обоената револуција во Македонија со цел да донесат на власт режим по нивна мерка, кој ќе и наложи на Македонија неброени отстапки и компромиси кон соседите, до ниво целосно да ни се обезличи државата и националниот идентитет.

Тој процес се водеше со целосно извитоперување на принципите на моралот и правдата, па така САД не убедуваа дека покондираниот криминалец што го ставија за премиер е визионерски водач, безмалку Нобеловец, а една функционално неписмена рекетарка ни ја претставуваа како храбар борец за правдина. Претседателот Пендаровски (индискретен муабетчија како што го дал Господ) отворено раскажува како амбасадорите на САД и ЕУ седеле во неговата канцеларија со другите политички водачи на државата пред изборите во 2024 година и договарале како да се докупусари законодавството на Македонија со цел да се купи трет мандат на режимот на нивните омилени партии СДСМ и ДУИ и така да се протуркаат и бугарските замисли.

Целото ова време САД финансираа „невладин сектор“ во кој ги ухлебија најкорозивните елементи на општеството, луѓе кои во било кое друго време, да не се под активна закрила на светската суперсила, би биле прогласени за ментално болни штом отворат уста. Не убедуваа дека машко може да стане женско, како и дека на Македонија (и на Европа) не им требаат обезбедени граници. Сум слушал некои од агентите на УСАИД дури како врз нас ги проектираа нивните наративи за вина за ропството во САД (дека Македонците се борчлии за односот кон Албанците слично како што Американците им должат на Афроамериканците – теза со која, како прво, е гротескно да се расфрла човек, а како второ, ако бараме некаква логика во неа, треба да ја поставиме обратно). Накусо, САД низ изминатите децении праќаа многу крајно промашени луѓе кај нас, им даваа огромни фондови и не тераа да спроведуваме сериозно утнати политики.

Ова мешање (не е ни мешање туку тотална доминација и изживување врз државата) за жал не престана со изборот на Трамп во 2016 година, кога промена на американската политика веројатно ќе ја спасеше Македонија од страшни последици. Но, веќе е дефинитивно јасно дека ваквото влијание на САД врз Македонија (и други држави во регионот) престана со реизборот на Трамп во 2024 година. Бргу во неговиот втор мандат Трамп ја укина институцијата преку која се одвиваше голем дел од ваквото замешателство – УСАИД – а гледаме и дека инструкциите што ги добиваат американските дипломати (доколку воопшто добиваат инструкции) веќе не се такви какви што беа во минатото. ДУИ се топи во опозиција (деновиве дури почнаа да го веат и македонското знаме што делува како очајнички потег), невладините се презафатени со трчање по европски донатори за да прават некаква штета, а СДСМ.. што да каже човек за нив ќе згреши.

Со овој подолг вовед сакам да се потсетиме за сите добрини со кои Трамп не задолжи во изминатите две години, пред да констатираме дека човекот, на крајот, сериозно ја оплеска. Трамп наследи две војни – во Украина и во Газа – и доби силен мандат да им стави точка. Војната во Украина не ја запре, а борбите во Газа ги претвори во драматична војна низ целиот Блиски и Среден Исток.

Ова не се конфликти како Виетнам, таму некаде далеку, кои може без проблем да се игнорираат. Ова се катаклизмични настани со огромни и долготрајни последици за Европа. И без војните, нашиот континент имаше огромни проблеми, пред се во демографијата и неодржливиот социјално-економски модел. Со крвавите рововски војни во Европа, со преориентирањето на економијата кон воениот модел, со двата брана поскапувања и енергетските кризи кои дојдоа од двете војни, нашите проблеми се умножуваат.

Звучи неумесно да се зборува за економските последици кога стотици илјади луѓе гинат и милиони се расселени. Но, дури и ако сме поштедени од војувањето, економските последици се реални и веќе сериозно ги чувствуваме. Природниот економски модел на Европа, каде западот (пред се Германија) е индустрискиот центар, а истокот (пред се Русија) е ресурсната и енергетската база, трајно се наруши. Германската автомобилска индустрија е намалена за една петтина од почетокот на војната во Украина, главно поради губењето на ефтините енергенси од Русија, а бројот на работни места е намален за 100,000. Притоа, македонската индустрија, која силно се обнови почнувајќи од 2007 година, е скоро целосно зависна од побарувачката во германските погони.

Војната против Иран ја дуплираше цената на нафтата, што пак директно влијание на цената на сите физички производи кои треба да се пренесат од точка А до точка Б. Иако во еден момент изгледаше како Трамп да се свести што направи и ја паузираше војната, сега таа одново се разгорува и повторно гледаме троцифрени цени за барел нафта. Повторно, безобразно е да се зборува за економија додека луѓе гинат. Но, мораме да сме свесни дека ако состојбата продолжи, можно е и трајно изместување на побарувачката во автомобилската индустрија – слично на промените при нафтените кризи од 1970ите години, кога американската автомобилска индустрија замира а се крева јапонската индустрија базирана на ефикасни возила. Погледнете на што личат денес американските автомобилски градови, како Детроит, кои никогаш не се опоравија од овој удар. Доколку следната промена во оваа индустрија значи, поради хроничен недостиг на нафта да прејдеме кон целосно електрични возила – сектор каде Кина има значителна предност пред Европа – можеме да очекуваме двоен удар врз европската, а со тоа и нашата индустрија. Згора на општите поскапувања предизвикани од нафтената криза, може да се случи долгорочно да го загубиме главниот извор на индустриски работни места.

Оваа состојба не е до толку сериозен проблем проблем за САД, кои се огромни производители на нафта и гас (нивниот проблем е што ако се покаже дека не можат да го победат Иран, но тоа е веќе друг вид на криза). Но проблемот за нас е веќе пред портите и не може да се игнорира. Колку и да не задолжи Трамп со самото тоа што не остави на мира неколку години, во исто време, со неуспехот да ја запре војната во Украина и особено со тоа што предизвика огромна криза во Персискиот Залив, може да се случи целосно да не измести од рамнотежа. Состојбата воопшто не е наивна и сите ќе мораме да ги приспособиме нашите очекувања на реалноста.

Поврзани вести