
Романот „Само уште еден скок“ од Енис Хилми ќе биде промовиран вечерва во 19.30 часот во „Харбор клаб“ во Охрид. Промотори ќе бидат Ана Јовковска и Весна Мојсова-Чепишевска, а изданието е на „Светулка“ од Скопје.
Луѓето мислат дека тие ги избираат кучињата. Но понекогаш… кучето е тоа што го избира човекот. Што би ви раскажало едно куче кога би можело да го раскаже целиот свој живот? Што ако ви раскаже за светот што одамна сме заборавиле да го гледаме – без маски, без предрасуди и без пресметки. Свет во кој времето не се мери со часовници, туку со чекања. Во кој среќата не се брои во успеси, туку во заеднички прошетки. И во кој љубовта никогаш не се доведува во прашање. Низ неговите очи се отвораат теми за домот и припадноста, за стравот и довербата, за безусловната љубов и загубата, за исчезнувањето на историското наследство, уништувањето на природата и нашата одговорност кон светот што го оставаме зад себе. „Само уште еден скок“ е приказна за сите нас. И за сите оние навидум обични денови што дури подоцна сфаќаме дека биле највредното што сме го имале, вели Јовковска.
„Само уште еден скок“ колку што е роман на и за Тото, толку е и роман за самата Е. која сака многу да чита и да гледа филмови, да плива, но најмногу од сè сака да го сака Тото. „Само уште еден скок“ е и за љубовта што Тото ја има кон Е., но и за љубовта на Е. кон Тото. Ова е роман кој ја испишува сагата од првиот до последниот скок на убавиот Тото. Развиена низ 24 епизоди оваа приказна на Тото како да е ставена во некоја временска машина од едно деноноќие, како да го слушаме отчукувањето на секоја секунда, на секоја минута, на секој час … секоја приказна е скок на стрелката од аналогниот часовник, секоја приказна е скок од 0, 1, 2, 3… па сè до 24 (и повторно од 0) на дигиталниот часовник…, пишува Мојсова-Чепишевска.
– „Само уште еден скок“ нѐ учи на сомилост и сочувство кон животните, а со тоа и кон сите живи битија. Нешто што општеството дрско го одминува и како да подзаборавило дека на овој свет не постојат само луѓето. Светот е волшебен круг во кој сите сме поврзани меѓу себе, и доколку недостига и само една алка од синџирот, хармонијата тектонски ќе се помести и расипе. А за љубовта најважно е да учат најмладите зашто ним им останува светот – вели писателката Биљана Стојановска.

Македонски


