
Ребалансот на Буџетот е директно признание дека економските политики на Владата доживеаја целосен неуспех и дека не носи ништо добро за граѓаните, туку најавува зголемување на дефицитот и долговите што ќе ги враќаат следните генерации, истакна денеска на прес-конференција лидерот на СДСМ, Венко Филипче.
Според него, со ребалансот, Владата само ги потврдувала предупредувањата што СДСМ ги упатувала изминатиот период.
– Практично се потврдува тоа што го говориме цело време, дека со Мицкоски и оваа група на власт нема ниту економски раст, нема поголеми плати, има само уназадување. До крајот на годината практично ниту еден граѓанин не може да очекува подобрување на животниот стандард, туку напротив – влошување. Едноставно, економијата тоне, рече Филипче.
Тој тврди дека шест месеци по усвојувањето на Буџетот, Владата признала оти ги промашила речиси сите клучни економски проекции и оти не било остварено ништо од ветеното.
Владата, нагласи Филипче, ги намалила проекциите за економскиот раст, додека инфлацијата, според него, била речиси двојно повисока од ветената.
– Наместо ветениот економски раст од 3,8 отсо, сега проекцијата се намалува на 3,5 проценти. Реалноста е дека ниту ова нема да се оствари. Наместо ветена инфлација од 2,5 отсто, граѓаните добија 4,5 отсто инфлација. Значи, двојно зголемена инфлација. Повисоки цени, дополнителен удар врз семејните буџети, рече Филипче, забележувајќи дека наместо фискална консолидација, Владата го зголемувала буџетскиот дефицит и отворала нов циклус на задолжување.
Тој потенцираше дека јавниот долг достигнал 11 милијарди евра и за само две години бил зголемен за 2,5 милијарди евра, без тие средства да бидат вложени во развојни проекти. Изрази загриженост дека дополнителното задолжување не се користи за развој, туку за покривање на тековни расходи.
Филипче забележува и дека била во ризик исплатата на пензиите, односно оти фалеле средства за до крај на годината пари што МТСП треба да ги исплати кон ПИОМ.
Според претседателот на СДСМ, ребалансот покажувал сериозни пропусти и во социјалната заштита.
– Има додадено пари кај надоместоци и права од социјална заштита, 2 милијарди денари, заради лошата проекција на основниот буџет. Но, овие пари не се доволни за до крајот на годинава. Ќе фалат уште 3 милијарди да се сервисираат сите обврски, вели Филипче.
Според него, Владата продолжила да ги крати средствата за развојните политики и стопанството, а не правела суштински заштеди во сопственото трошење.

Македонски



