Skip to main content

Се чисти депонијата во Радуша

Екипи на Град Скопје од вчера започнаа голема акција на чистење на депонијата во Радуша, локација околу која изминативе денови се создаде непотребна паника и се пласираа тврдења дека наводно е загрозена водата од изворот Рашче.

Депонијата се наоѓа на неколку десетици километри од заштитената зона на изворот Рашче и не претставува основа за тврдењата што се ширеа во јавноста, вели во објава на Фејсбук, градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски.

Но, кога станува збор за здравјето, сигурноста и спокојството на граѓаните, за нас нема ‘туѓа надлежност’. Иако чистењето на оваа локација не е обврска на Град Скопје, денес сме на терен и ја чистиме. Истовремено, сакам уште еднаш да бидам целосно јасен: водата во Скопје е безбедна за пиење! Секојдневно се вршат детални анализи во една од најсовремените лаборатории со која располага ЈП ‘Водовод и канализација’ – Скопје. Резултатите се јасни и нема простор за паника, шпекулации или ширење страв меѓу граѓаните“, нагласи Ѓорѓиевски.

Тој посочи дека оние случаи кои во текот на изминатите два дена создале вознемиреност и паника меѓу скопјани, веќе разговараат со надлежните органи.

Скопје е безбедно и така ќе остане. Никогаш нема да дозволиме неодговорност, негрижа или нечии манипулации да го загрозат здравјето и безбедноста на нашите сограѓани. Ќе реагираме секогаш, навреме и одговорно. Затоа што кога станува збор за Скопје и за луѓето кои живеат во него, нема компромиси. Скопје го чуваме. Скопје го штитиме. Заедно“, напиша градоначалникот.

Поврзани вести