Skip to main content

Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита реагира за нападот на лекар и медицинска сестра во поликлиниката „Јане Сандански“

fernando-zhiminaicela-from-pixabay

Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита на Република Македонија најостро го осудува  физичкиот напад врз доктор и медицинска сестра од Службата за итна медицинска помош при Поликлиниката „Јане Сандански“, кои, додека ги извршувале своите работни обврски и се подготвувале да заминат на теренски повик, биле нападнати и претепани. 

Овој настан е сериозен и недозволив чин на насилство врз луѓе чија професионална обврска е да помагаат, да лекуваат и да спасуваат човечки животи. Особено загрижува фактот што здравствените работници се изложени на физички напади токму во моментите кога се на должност и подготвени да одговорат на повик за укажување итна медицинска помош.

За жал, сведоци сме на сè почести случаи на навреди, закани, заплашувања и физички напади врз вработените во здравствената дејност. Ваквото однесување е апсолутно неприфатливо и не смее да стане секојдневие. Никакви околности не може да бидат оправдување за насилство врз луѓето што  професионално и одговорно се грижат за здравјето на граѓаните, се наведува во реакцијата на Синдикатот.

Оттаму бараат итно расчистување на случајот, соодветно санкционирање на сторителите и преземање конкретни мерки за поголема безбедност и заштита на здравствените работници на нивните работни места, како и при извршувањето на теренските задачи.

Изразуваме целосна солидарност и поддршка на нападнатите доктор и медицинска сестра, со желби за брзо закрепнување.

Здравствените работници не се мета на нечие незадоволство, тие се луѓето на кои им се доверуваат здравјето и животот. Нивната работа мора да биде почитувана, нивниот труд вреднуван, а нивната безбедност загарантирана!

Доста е со насилството врз здравствените работници!!

Безбедноста на оние кои се грижат за нашето здравје мора да биде приоритет, а заштитата на здравствените работници не смее да остане само декларативна заложба, туку мора да биде реална и доследно спроведена обврска на институциите!, велат од Синдикатот.

Поврзани вести