
Големите културни настани не опстојуваат по инерција – тие се создаваат одново, секоја година, со посветеност и визија, рече министерот за култура Зоран Љутков на денешната прес конференција посветена на најновото издание на Мајските оперски вечери.
Токму затоа, Мајските оперски вечери не се само уште еден културен настан во календарот. Тие се симбол на континуитет, квалитет и амбиција, показател за тоа каде се наоѓа македонската култура денес и кон што се стреми.
Секоја година во мај, Скопје не е ист град. Добива поинаква енергија, поинаков ритам. Публиката доаѓа со очекување да доживее врвна уметност, а сцената возвраќа со емоција, страст и извонредност. Токму затоа, Мајските оперски вечери се културна порака дека оваа земја има капацитет, има талент и има визија да создава настани што се рамноправни со европските.
Како Министерство за култура и туризам, ние не ја гледаме оваа манифестација само како традиција што треба да се одржи. Ја гледаме како инвестиција во квалитет, во меѓународна видливост и во културен идентитет. Поддршката што ја даваме не е формална, таа е суштинска, стратешка и насочена кон тоа секоја следна година стандардите да бидат уште повисоки.
Годинашното издание е доказ за тоа. Внимателно избраниот репертоар, кој ги обединува безвременските дела на Верди и Пучини со нови продукциски пристапи, покажува дека традицијата и современоста можат да одат рака под рака. Присуството на врвни уметници од меѓународната сцена, заедно со нашиот извонреден ансамбл, создава продукција што не е само национална, туку европска по својот квалитет.
Ова е токму визијата што ја поддржуваме – култура што не се затвора во рамки, туку комуницира, се натпреварува и се докажува на највисоко ниво.
Нашата цел е јасна: кога граѓаните ќе влезат во салата, да не добијат само претстава, туку искуство. Да почувствуваат дека се дел од нешто вредно, нешто што ја претставува Македонија со достоинство и гордост.
И затоа, поддршката на Министерството за култура и туризам ќе продолжи како партнерство во создавање културни настани кои оставаат трага – дома и надвор од нашите граници.
Мајските оперски вечери се доказ дека кога постои визија, посветеност и институционална поддршка, резултатот е уметност што обединува и инспирира, рече Љутков.
Со премиерата на оперите од „Сестра Анџелика“ и „Џани Скики“ од Џакомо Пучини, на 9 мај во Националната опера и балет (НОБ) ќе се отвори 54. издание на Мајските оперски вечери (МОВ). На отворањето ќе диригира Џанлука Мартиненги од Италија, режијата на двете оперски претстави е на Пјер Франческо Маестрини од Италија. Сценографијата е на Гилермо Нова од Шпанија, а костимите се на Кристина Ачети од Италија.
Во улогата на Сестра Анџелика настапува Валентина Бои од Италија, a а во екипата се и: Бенедета Мазето од Италија, Марика Поповиќ, Николина Јаневска, Соња Пендовска-Мадевска, Биљана Јосифов, Марија Наумовска, Ана Ројдева, Злата Тошевска-Димовска, Јаворка Витановa, Десанка Глигоријевиќ.
Во насловната улога на Џани Скики настапува Роберто Де Кандиа од Италија, a во улогата на Лаурета, неговата ќерка е Ана Дурловски. Во екипата се и: Николина Јаневска, Гуо Ѕ-Жао, Јане Дунимаглоски, Биљана Јосифов, Јован Јосифов, Диме Петров, Игор Дурловски, Драган Ампов, Злата Тошевска-Димовска, Невен Силјановски, Владимир Саздовски, Димовски и Тихомир Јанкимовски.

Секоја од овие претстави носи различна емоција, заедно создаваат едно целосно искуство што посакуваме публиката да го памети. Мајските оперски вечери се и огледало на институцијата, огледало што покажува колку сме подготвени да работиме посветено, на поставуваме стандарди и да создаваме продукција што може достоинствено да стои рамо до рамо со европските сцени, рече генералниот директор на НОБ, Оливер Арсовски на денешната прес-конференција.
До крајот на Мајските оперски вечери, 31 мај, ќе бидат изведени и оперите „Риголето“, „Тоска“, „Мадам Батерфлај“, „Лебедово езеро“, „Травијата“ и „Набуко“.
Секоја од овие претстави носи различна емоција, заедно создаваат едно целосно искуство што посакуваме публиката да го памети. Мајските оперски вечери се и огледало на институцијата, огледало што покажува колку сме подготвени да работиме посветено, на поставуваме стандарди и да создаваме продукција што може достоинствено да стои рамо до рамо со европските сцени“, рече генералниот директор на НОБ, Оливер Арсовски на денешната прес-конференција.
Фестивалскиот оган на отворањето ќе го запале првенката на Операта, Ана Дурловски.

Македонски




