
Во рамки на 54. издание на меѓународниот фестивал „Мајски оперски вечери“, вечер во 20 часот на сцената на Националната опера и балет ќе биде изведена операта „Мадам Батерфлај“ од Џакомо Пучини.
Со делото, кое важи за едно од најемотивните и најизведувани во светскиот оперски репертоар, ќе диригира гостинот од Грција Мирон Михаилидис, додека режијата ја потпишува Александар Текелиев од Бугарија. Сценографијата е на Живојин Трајановиќ, костимографијата на Лира Грабул, концерт-мајстор е Верица Ламбевска, а хор-мајстори се Јасмина Ѓорѓеска и Ѓургица Дашиќ.
Во насловната улога настапува италијанската сопранистка Доната Д’Анунцио Ломбарди, додека улогата на Пинкертон ќе ја толкува Хектор Лопез од Мексико, а Шарплес – Енрико Маручи од Италија. Во останатите улоги учествуваат домашни солисти, заедно со хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
„Мадам Батерфлај“ е музичка драма во која се преплетуваат љубовта, надежта и предавството, прикажани низ трагичната судбина на главната хероина.

Македонски


