
По повеќе од една деценија помината покрај микрофоните, камерите и сцените на Струшките вечери на поезијата, годинава со особена радост, фестивалски, ќе се промовира најновата книга на Диме Ратајкоски „Венценосци: разговори на брегот“, книга создадена од средбите, разговорите и пријателствата со големите поетски гласови кои низ годините беа дел од Струга. Токму на 65-тото издание на фестивалот овие разговори повторно се враќаат дома, на бреговите на Дрим и Охридското Езеро, таму каде што сè започна.
„Имено, со оваа книга го заокружувам моето повеќегодишно новинарско, професионално и лично патување низ светот на поезијата. Работејќи во Македонската радио-телевизија како новинар, уредник, коментатор и автор на документарни портрети, имав ретка привилегија одблиску да ги запознаам, да разговарам и да споделам драгоцени мигови со голем број светски поети и писатели кои доаѓаа во Струга. Токму од тие разговори, другарувања и споделени мигови се роди оваа книга“, вели авторот.
Во „Венценосци“ се собрани разговори со дел од најзначајните поетски и книжевни гласови на нашето време, лауреатите Монгани Вали Сероте (Јужна Африка), Хосе Емилио Пачеко (Мексико), Ко Ун (Јужна Кореја), Маргарет Атвуд (Канада), Беи Дао (Кина), Чарлс Симиќ (САД) и Адам Загајевски (Полска), како и разговори со истакнатите светски поети: Хасан Зактан (Палестина), Дуо Дуо (Кина), Јусеф Комуњака (САД), Ласе Содерберг (Шведска), Александар Шурбанов (Бугарија), Хабиб Тангур (Алжир) и Душко Новаковиќ (Србија).
Низ овие разговори зборуваме за поезијата и нејзиното место во современиот свет, за слободата и одговорноста на зборот, за идентитетот и егзилот, за сеќавањето и заборавот, за убавината и болката.
Ратајкоски им се заблагодарува на Мите Стефоски, уредник и промотор, кој уште од почеток верувал дека овие телевизиски разговори заслужуваат да добијат и книжевен живот и на Јован Димоски, техничкиот уредник на изданието, кој со својата истрајност, внимателност и искрена поддршка од самиот почеток помогна идејата да ја добие својата конечна форма.
„Струшки вечери на поезијата имаат посебно место во оваа приказна, како фестивал кој со години беше мој втор дом и простор во кој се родија многу драгоцени пријателства. А без Македонската радио-телевизија, мојата матична куќа, оваа книга немаше да постои, благодарение на неа настанаа интервјуата и записите кои денес ги носат нејзините страници.
Ќе ми биде задоволство доколку во четврток, 25 јуни во 18 часот ни се придружите во Europe House Struga, заедно да разговараме за поезијата, за луѓето кои ја создаваат и за приказните кои остануваат долго откако ќе заврши фестивалот“, поентира Ратајкоски.

Македонски



