Skip to main content

Што говореше Питу Гули: Јас немам мајка, немам жена, немам деца – мојата мајка е Македонија

Наместо романтизирана и далечна историја, има неколку историски четива кои нè соочуваат со суровиот, но фасцинантен човечки фактор зад македонскиот бунт од 1903 година. Ова е обид тоа да се стори и со улогата на Питу Гули деновите непосредно, за време и по Илинденско востание потпрено директно на фактите и мемоарите собрани во книгата „Питу Гули“ од Кочо Топузоски. Низ призмата на овие автентични сведоштва, Илинденската епопеја и Крушевската Република престануваат да бидат само празни пасуси во учебниците и оживуваат како динамично, провокативно и крајно потресно револуционерно сведоштво. Она што следува е приказна за идеали во кои смртта се прифаќа со насмевка, но и за длабоките надворешни и „внатрешни игри“ што ја одредија судбината на еден цел град, а потоа и на Македонија.

Масовни подготовки и стратешка воена обука

По Солунскиот конгрес на ТМОРО во јануари 1903 година, започнува забрзана подготовка на македонските печалбари и емигранти во Софија. Во центарот на ова раздвижување се издвојува Питу Гули со чета од 12–13 луѓе. Некрологот во весникот „Автономна Македонија“ ги пренесува неговите зборови: „Уште во ушите ми звучат зборовите: „збогум, ова може да е последно, јас одам онаму каде што ме вика долгот“искажани од покојниот борец, војводата Пито Гули…“.

Неговите активности пред Илинден се насочени во три клучни правци:

Воена обука во илегала: Питу Гули стратешки раководи со логорот во „Биринската корија“, каде населението учи тактика, марширање и стрелба. Востаникот Тоду Борјар сведочи: „Таков логор имаше и во Биринската планина кој се раководеше од Питу Гули…“.

Спроведување на раководството: Неговата чета ги обезбедува крушевските делегати и Никола Карев преку Демир Хисар по Смилевскиот конгрес.

План за преземање на градот: Заедно со војводите ХристовКаревДокурчев и Наумов го крои нападот. Со 370 борци, тој ја предводи најбројната чета со задача „да го обезбедува градот од острилечката страна и патиштата од Бирино и Трстеник…“.

Меѓу два огна: Сопки од Софија и Цариград

Патот на востаниците до Крушево се соочува со сериозни надворешно-политички опструкции. На бугарската граница во месноста Сажденик, здружените чети наидуваат на отпор од бугарската војска, која имала наредба да ги разоружа, уапси и да им ја одземе храната, па дури и да пука во нив. Никола Казанџиев сведочи:

„Границата ја преминавме уште преку ден бидејќи бугарската војска се приближуваше за да не обезоружи…“.

Поради огромниот револт, војводите одлучуваат да влезат во отворен бој со бугарските трупи, по што полковникот Јанков дозволува премин во Македонија како „помало зло“.

Откако е прогласена слободата, Цариград реагира со „исклучителна строгост“ и го испраќа Експедициониот корпус од Косово. Документите на Лапе потврдуваат дека Отоманската империја добила германско охрабрување од Вилхелм II за сурово задушување. Бахтијар паша навлегува кон Крушево со сила од 20.000 војници и башибозук.

Утрото на Илинден: Прогласот за востание и воениот говор во Биринската корија

Утрото на 2 август 1903 година, во Биринската корија, Питу Гули ги собира четите и упатува повик за машка борба. Тоду Борјар го пренесува овој момент:

„Браќа! Денот кога треба да се расплатиме со нашиот вековен тиранин дојде. Ние се готвиме да дигниме востание… Ве повикувам, браќа, секој од вас машки да се бори, па ако е потребно и да умре, под знамето кое е црвено како нашата крв и кое бара чест и достојанство… Долу Турција! Да живее слободна афтономна Македонија!“.

По ова, во штабот во „Осој“ е прочитан прогласот на Главниот штаб и официјално е објавено востанието. Востаничкиот штаб и војводите испраќаат проглас до крушевчани: „Денеска цела Крушевска околија, заедно со цела Македонија, крeна востание и вика: Долу тиранијата! Да живее слободата…“.

Ноќта спроти 3 август: Нападот на градот и крвавите улични борби

Со првиот мрак на 2 август, четите се спуштаат кон градот кај месноста „Куличе“. Иако планот предвидувал напад точно на полноќ, одделението на Ванѓу Топуз предвреме налетува на жандармериска патрола пред чешмата и отвора оган. Камбаните на сите цркви почнуваат силно да бијат, мешајќи се со востаничките извици „Ура!“.

Борбите во центарот се развиваат жестоко врз четири клучни објекти на отоманската власт: Уќуматот каде отпорот бил најцврст; Беледието кое е освоено брзо, при што е убиен ќатипот кој одбил да се предаде; поштата каде одделението на Тоду Борјар ја крши портата со секири и ги уништува апаратите додека телеграфистот Измирлија бега кај Чолаковци; и зградата на таксилдарите. До мугрите на 3 август, центарот бил целосно слободен.

Свечениот пречек на Питу Гули и битката за касарната

Додека центарот слави, на излезот кон Прилеп сè уште трае тешка борба за касарната, па околу пладне на 3 август е побарана помош од Питу Гули. Влегувањето на војводата во Крушево се претвора во импозантна процесија. Очевидецот Стефан Илиев Матерков го опишува овој призор:

„Пред да влезе во градот, Питу беше си обезбедил раскошна черкеско – беговска облека и ретко убав игрив сив коњ. Самиот војвода поседуваше забележителна физиономија. Неговата бујна кадрава коса му придаваше уште по карактерни типични црти. Тој, јавнат на својот благороден коњ, бавно и свечено се движеше по, со калдрма посланите улици… Од „Порта“ до „Гумења“ во него вперуваа очи и мало и големо… После него храбро одеше славниот знаменосец Георги Димов…“.

Питу Гули веднаш се упатува кон касарната. По негов совет, востаниците ги насочуваат пушките кон покривот, ги искршуваат керамидите, па Васил Настев Мицков ја проширува дупката низ која се фрлаат запалени стомни со газија. Касарната пламнува, војската бега кон с. Алданци, и во 16 часот Крушево е целосно ослободено.

Бескомпромисниот морал

На 3 август, на Гумења, Питу Гули го растоварува пленот од храна донесен од с. Света за да се подели на народот. Во тој момент неговата сопруга бара да оддели брашно за нивните гладни деца. Никола Киров Мајски детално го бележи овој разговор во ракописот „Светлосенки“:

– Тоа е определено за храна на децата на Македонија, а не за твоите деца – забележа Пито со спокојство на мудрец.

– У! Зар тие деца не се и твои? — го запраша жена му со чудење.

– Јас немам деца, — рече тој и тргна кон шаторот на Штабот.

– Абре, Пито, абре чедо! — застенка една бабичка, нивна комшивка ли, роднина ли. Ела на себеси, чедо! Прибери се дома при својата жена, при своите деца…

Пито се сврте, се поднасмевна… и одговори на бабичката:

-Јас, бабо, немам дом, немам жена, немам деца. Мојот дом е Македонија, мојата жена е пушката и децата ми се патроните…“.

Очевидецот на овој настан на „Гумена”, на 3 август 1903 година, Стефан Илиев Матерков, го опишува со следните зборови:

„…По нерамното високо место наспроти Демировата корија беа распнати палатките на горското началство. Достапот до народните големци беше сосема лесен. Ние, младинци без обврски, слободно се движевме наоколу. Кога пристигна семеството на Питу Гуле кај палатките, каде се вееше црвеното знаме на револуцијата … зафатениот војвода jа прекина засилената работа и излезе. Кога ги виде своите, Питу го зеде на раце својот најмал син и го бакна. Откако неговата сопствена мајка и сопруга го замолија да им даде брашно и други производи, тој демонстративно ја отстрани својата жена и кажа:

 – Jаc немам мајка, немам жена, деца, семејство!

Тогаш се замешува мајка му и му вели:

– Ау Питу, што зборуваш? Нели јас сум ти мајка и оваа е твоја жена! Aj не зборувај глупости, туку оддели нешто за нас двете и за твоите деца!

Тогаш Питу пак повторува:  

– Jаc немам мајка, немам жена, немам деца. Мојата мајка е Македонија, мојата жена е оваа пушка, што ja удирам јуначки, а моите деца се овие патрони. Jас сум дал клетва за своето дело, а сега одете си со децата и грижете се за нив!“

4 август: Раѓањето на Крушевската Република

По целосното ослободување на градот, попладнето на 4 август 1903 година, членовите на Горското началство на чело со Никола Карев се спуштаат во градот кон зградата на новото патријаршиско училиште. Токму кога камбаните означувале вечерна служба, во салата се собираат избраните 60 крушевски првенци од сите народности. Со ракоплескање и извици „ура“, тие го започнуваат историскиот состанок на кој се формираат органите на востаничката власт — Крушевска Република. На зградата на Владата се истакнуваат црвените знамиња, а истата вечер масовно се пријавуваат доброволци за градската милиција и одбрана на Републиката.

Големиот раскол на Гумења: Судир на концепции

На 12 август пред портите на Крушево пристигнува ултиматумот од Бахтијар паша преку курирот Коста Баждавела-Њик. Во Штабот „пукаат“ две спротивставени струи.

Умерената воено-тактичка струја на потпоручник Тодор Христов предложува организирано повлекување во планините за да се спречи колеж врз цивилите. Борјар го цитира Христов: „Моето мнение е да не се дозволи овај личен и убав град да стани како Кара Батак…“.

Спроти него, Питу Гули смета дека повлекувањето е предавство и реагира:

„Кога бевме мажи градот да го превземиме со крв, тогај треба да бидеме мажи и да го браниме. Сите донесени решенија по тоа прашање да се уништат…“.

Никола Киров Мајски во „Светлосенки“ ја доловува неговата радикална психологија:

„На идеалот на слободата тој потчинуваше се – „нема ли слобода, има смрт!“ На таа смрт го осудуваше и го осуди целиот град, вклучувајќи го и своето семејство, целиот свој одред, вклучувајќи се и себе си.“.

Питу Гули демонстративно го напушта советот и заминува кон Мечкин Камен со зборовите:

„Заради мојата чест, јас заминувам кај моите другари, за да се борам до последната капка крв…“.

Крвавиот епилог на Мечкин Камен

Претходно истакнат со воени мудрости — како онаа за палењето на градската касарна преку пробивање на покривот — Питу Гули на 13 август ја испишува својата последна епопеја.

На Црн Врв војводата прави фасцинантен етички гест: ги постројува борците и сите без соодветно оружје ги ослободува од заклетвата за да не ги води во сигурна смрт:

„Гревота е јас да ве поведам во сигурна и бесполезна смрт со тоа ваше некорисно оружје…“. Со него остануваат 170 востаници.

Борбата започнува во 10 часот наутро со истрел од неговата манлихера. По неколку одбиени напади, востаниците дочекуваат зајдисонце во обрач. Со скршена пушка, Питу Гули продолжува да стрела со револвер. Васил Н. Мицкоски ја бележи неговата смрт:

„Приквечерта еден куршум го погоди во градите бестрашниот јуначен војвода Питу Гуле и тогаш, од смртно ранетите гради на Питу, се оттргна едно „Оф!“ и тој падна ничкум…“. Потоа следува крвав ракопашен колеж. Од 170 луѓе, 140 загинуваат херојски на карпите. Гневот на Турците е толку голем што неговиот леш подоцна е пронајден со размачкан череп како чин на брутална одмазда од аскерот.“

Симболика на знамето: Злокобно претскажување

Улогата на Питу Гули е обоена со мистична димензија поврзана со знамето, тајно везено во подрумот на Панзовци од младата Фанка. Кога војводата дошол да го преземе, забележал грешка во натписот — наместо „Слобода или смрт“, било извезено „Смрт или слобода“. Неговата реакција била вистинско претскажување:

„Е, после свршениот факт, сеедно е, бај Петре! Можеби тоа е претскажување, дека сигурно ќе умрам во борбата за ослободувањето на Крушово…“.

Животот на Крушевската Република под воена заштита

Иако постојано на фронтот, воената упорност на четите овозможува раѓање на цивилната власт во зградата на училиштето, во присуство на 60 првенци. Воената дисциплина преминала во градот — странските дипломати нотираат беспрекорен ред, а конзулот Крал потврдува дека немало злоупотреби. На 9 август, со панихида и пламени говори, новата власт покажала висока државничка почит кон жртвите.

Психолошка војна и измама со македонски песни

Битката ја одбележува пример на психолошко војување од башибозукот, кој се обидел со итрина да ги извлече востаниците од окопите. Башибозуците трчале мафтајќи со крпи и викајќи „Ура!“ и „Долу Турција!“. Документите на Матерков бележат дека дури ја запеале македонската песна „Отвори бело Ленче вратниче“. Целта била да се глуми македонско засилување за аскерот полесно да ги покоси. Ладнокрвноста на Питу Гули, кој чекал непријателот да се приближи пред да пука, ја скршила оваа измама.

Трагичниот крај на потомците

Илинденскиот пораз остава тешки последици врз семејството на војводата. Набрзо по Мечкин Камен, сопругата Евгенија умира од туберк/лоза, а четирите мали деца остануваат сираци. Три од нив поминуваат над шест години во битолското сиропиталиште на Захарија Шумлјанска, преживувајќи од милостиња. Како последен удар на судбината, пред почетокот на војните, децата се префрлени во Софија, каде и ќерката Флора умира млада во болница од истата градна болест. Падот на Републиката ја заокружува целосната лична и семејна жртва за македонската слобода.

МИА