
На 22 април во периодот од 17 до 19 часот во рамки на програмата на Танц Фест 2026 во Битола, која се одржува со поддршка на Општина Битола, посетителите имаа ретка можност да ја видат програмата Moving Balkans Турнеа во Виртуелна Реалност и да се запознаат со ВР техника на презентации на современи танцови претстави. Програмата за виртуелна реалност се реализира во рамки на платформата Moving Balkans, составена од 11 партнери од регионот, меѓу кои Art Link Foundation, En-Knap и Хрватскиот културен центар како VR тимови. Изведбите се селекција од минатогодишните Топ 10 танцови продукции на платформата. Проектот е финансиран од Европската Унија.
VR проектот на Moving Balkans ја приближува современата танцова уметност до публиката преку имерзивни искуства во виртуелна реалност. Тој им овозможува на гледачите да ја доживеат изведбата од „најдоброто место“, нудејќи интимна и блиска перспектива која традиционалното видео не може да ја долови. Со користење на VR очила, публиката се поставува директно во просторот на изведбата, со можност самостојно да го избере својот агол на гледање и да ја почувствува длабочината, размерот и физичноста на танцот во една нова димензија. Проектот ја преосмислува формата на снимање и споделување на кореографијата, нудејќи свежа алтернатива на класичните видео формати и отворајќи нови можности за дистрибуција и комуникација со публиката. Со надминување на границите на традиционалното снимање, проектот нуди нов начин на поврзување со танцот — имерзивен, личен и незаборавен.
SALINE NEBULA – прв дел од програмата Saline Nebula е впечатлив антиутописки проект што го претвора апстрактното во опипливо, а невидливото во видливо. Преку кореографијата, на површина ги изнесува хаосот, осаменоста и убавината, претворајќи ги сенките во форма и слика. Ова истражување на примарната човечка состојба открива универзум кој е истовремено туѓ и длабоко човечки, доловувајќи етеричен свет на границата на непознатото.
…прекрасно вознемирувачко… слика на непремостлива напуштеност во осамен и заканувачки свет. Делото нуди суров и вознемирувачки увид во една универзална празнина, балансирајќи помеѓу надреалното и длабоко човечкото искуство. Saline Nebula е снимен во виртуелна реалност во импресивниот ентериер на машинската сала на историскиот брод „Галеб“ во пристаништето на Риека, Хрватска.
MASTERWORK FOR SIX DANCERS 360 – втор дел од програмата
Masterwork for Six Dancers 360 отвора поглед кон свет во кој телата и предметите се распаѓаат, испреплетуваат и ги надминуваат своите вообичаени функции. Телото станува објект (на танцот) — ентитет во постојана трансформација. Преку движењето, автономијата и користењето на реквизити, се создава свет што постои самостојно. Ова не е ниту имитација ниту отуѓување — туку игра што го надминува значењето: неограничена слобода на дејствување, бескрајна сензибилност и радост на апстрактното постоење. Секое движење е истражување на слободата и потенцијалот, секој објект алатка за трансформација и откривање нови телесни димензии.
Masterwork for Six Dancers 360 е снимен од En-Knap Productions од Љубљана, Словенија, во VR 360° техника.

Македонски


