
Самостојната изложба „АРХИВ НА ТРАГИ – Endless Circulation Between Dream and Survival“ на уметникот Аммар Качар ќе се отвори во сабота, 27 јуни, со почеток од 20:00 часот, во просториите на КСП Центар – Јадро во Скопје.
По фрагментите од градот, проектот „Архив на траги“ продолжува со ново поглавје.
Во поставката коегзистираат две реупотребени камионски тенди. Едната лебди во просторот, поделена и повторно споена со конец, носејќи отпечатени облаци како симбол на имагинацијата. Другата лежи на подот, испишана со везени рути, односно траги од движења, избори и секојдневни патувања низ градот.
„Ме интересира токму просторот помеѓу тие две состојби. Не како спротивности, туку како нешта што постојано се преплетуваат.
Помеѓу сонот и преживувањето. Помеѓу желбата да создаваш и реалноста во која живееш“, вели Качар.
Поставката со скопските згради од претходното поглавје повторно се појавува во просторот, како потсетник дека ниту едно дело не завршува со една изложба. Секој фрагмент продолжува да патува, да се менува и да добива нова форма.
„Не ме интересира крајот на едно дело. Ме интересира неговиот следен живот“, додава уметникот.
Изложбата ќе се одржи во КСП Центар – Јадро, на улица „Алберт Ајнштајн“ број 2 во Скопје.
Проектот е реализиран со поддршка на Министерството за култура и туризам.

Македонски



