Skip to main content
Свечено отворен Саемот на книга

Љутков: Народ што чита не може лесно да се манипулира, народ што размислува, не може лесно да се подели, а народ што создава, не може лесно да исчезне

Ми претставува особена чест и задоволство што можам да ве поздравам на отворањето на годинашниот Саем на книгата, манифестација што го слави зборот како темел на културата, мислата како двигател на општеството и книгата како простор во кој секоја идеја пронаоѓа свој живот, рече во своето обраќање на отворањето на Саемот на книга министерот за култура Зоран Љутков.

Денес отвораме нов простор, простор на мислата, на имагинацијата, на слободата. Мотото на овој скопски Саем на книгата 2026, „Отвори прозорец кон нови светови“, воопшто не е метафора. Тоа е повик. Повик да се надминат границите на секојдневието, да се напушти удобноста на познатото и да се зачекори во неизвесноста, таму каде што започнува вистинското знаење.

Книгата е најтивката револуција што човештвото ја познава. Таа не вика, не урива, не бара дозвола, но менува сè. Почитуваниот Умберто Еко еднаш ќе забележи: „Кој чита, живее илјада животи пред да умре.“ А оној што не чита, останува затворен во еден. Прашањето е: Колку светови сме подготвени да отклучиме?

Во наредните седум дена, повеќе од 60 издавачки куќи ќе понудат над 130 нови наслови и автори. Тоа не се само бројки, тоа се 130 нови можности да размислуваме поинаку, да чувствуваме подлабоко, да разбереме пошироко. Со присуството на гости од Чешка, Холандија, Исланд, Италија и од САД, овој саем станува вистинска раскрсница на култури. А кога културата се вкрстува, таа се умножува.

Како министер за култура и туризам, верувам во една суштинска вистина: народ што чита не може лесно да се манипулира. Народ што размислува, не може лесно да се подели, а народ што создава, не може лесно да исчезне.

Живееме во време на брзина, на површност, на информации што доаѓаат и исчезнуваат во секунди. Во таквиот свет, книгата е чин на отпор. Да седнеш и да читаш значи да одлучиш да мислиш. Да одлучиш дека вниманието е вредност. Дека тишината има смисла.

Овој саем не е само можност за авторите, ниту празник за издавачите. Овој саем му е посветен на читателот на оној тивок, често невидлив херој без кој ниедна книга нема да заживее. Бидејќи книгата не постои додека не биде прочитана. Таа е потенцијал, кој станува вистина во рацете на читателот.

Mојата порака денес е едноставна, но суштинска: Отворете го прозорецот. Не само за нови светови, туку и за нови идеи, нови перспективи, нови прашања. Не плашете се од книгите што ве предизвикуваат. Токму тие се најпотребни.

Драги пријатели,

Книгите не се украс на времето, тие се негов судија. Секој збор што ќе го сретнете овде има тежина: да помести, да разниша, да ве натера да се соочите со себеси. Затоа излезете одовде со немир. Со мисла што ќе ве следи подолго од денот. Со прашање што нема веднаш да најде одговор. Со потреба да создадете, да кажете, да промените. Затоа што зборот има моќ само кога не останува на хартија туку станува став, избор, дејство.

Нека започне она што трае.

Ви благодарам.

На саемот годинава ќе се претстават повеќе од 60 издавачки куќи. Со над 130 промоции на наслови, 38. саем на книгата нуди богата програма. Саемот ќе трае до 29 април. Се очекуваат околу 30.000 посетители во салата „Борис Трајковски“.

На саемот се обрати претседателката Гордана Сиљановска Давкова истакнувајќу заедно со минисерот дека оваа манифестација останува еден од најзначајните културни настани кој ја обединува публиката од целата земја и од странство, ја поттикнува читачката култура и создава простор за поврзување меѓу авторите, издавачите и читателите.

Народ што чита ја разбира иднината зашто знае дека таа се гради со знаење. Денешниот ден не обврзува да ја сочуваме книгата од заборавот – рече Сиљановска-Давкова и го прогласи саемот за отворен.

Официјалното отворање на саемот беше збогатено со настап на хорчето од градинката „Детска радост “. Дечињата им дадоа подароци – книги на претседателката Силјановска-Давкова и на министерот Љутков.

Се обрати и претседателот на Македонската асоцијација на издавачи Бојан Саздов кој се осврна на активностите за популаризацијата на книгите, но и на македонската книжевност надвор од границите.

Отворањето на саемот годинава се совпаѓа со Светскиот ден на книгата и авторското право.

Работното време е од 10 до 20 часот, а со секоја купена редовна влезница ќе бидат донирани средства на СОС „Детско село“. Влезниците се достапни и онлајн на: https://www.karti.com.mk/saem-na-kniga-2026.nspx.

Саемот на книгата и оваа година е поддржан од Министерството за култура и туризам.

Поврзани вести