Skip to main content
Форум за културна дипломатија

Љутков: Убеден сум дека Скопје 2028 ќе биде оној креативен момент во кој нашиот главен град ја претвора културата во свој најсилен дипломатски јазик

Културата е еден од најдлабоките изрази на идентитетот на еден народ. Таа го отсликува неговото искуство, вредности и креативна сила., па затоа кога денес говориме за културна дипломатија, најнапред мораме да расчистиме една суштинска заблуда , културата не е протоколарен додаток на државата, таа не е декоративен елемент на меѓународните односи, рече денеска министерот за култура Зоран Љутков на Форумот посветен на културната дипломатија.

Културната дипломатија создава простор во кој државите не комуницираат само како политички субјекти, туку како цивилизации со сопствена меморија, етика и креативна визија. И токму низ таа призма треба да се разбере значењето на титулата Скопје – Европска престолнина на културата за 2028.

Во суштина, Европа денес не бара градови што ќе организираат само културни настани и фестивали, на Европа и се потребни градови што умеат да артикулираат визија за заеднички живот, градови што можат да ја претворат културата во јавна вредност, а различноста во општествен капитал.

Нашето Скопје, како ниту еден друг град во окружувањето, има редок потенцијал токму за таков исчекор. Овој град историски претставува пресек на повеќе културни, јазични и цивилизациски слоеви. Тој не е еднодимензионален културен простор, а неговата автентичност произлегува токму од неговата сложеност .

Во современата културна дипломатија, токму таквите градови имаат најголема вредност, бидејќи тие не нудат едноставна слика за себе, туку манифестираат способност да создадат дијалог помеѓу различни традиции, искуства и идентитети.

Скопје културна престолнина на Европа за 2028, затоа, треба да се разбере како можност за нов културен наратив. Не како наратив на провинцијална самопромоција туку наратив на зрела културна самосвест.

Зборуваме за оживување на простори што имаат душа, како Скопско Кале, кое повторно треба да стане живо место каде што историјата ќе комуницира со современиот човек. Зборуваме за обновување на музејските содржини, за нови културни сцени и за отворање на културното наследство кон јавноста.

Зборуваме и за Скопски аквадукт , тивок сведок на минатото, кој конечно добива можност да биде заштитен, ревитализиран и споделен со Европа и светот.

Зборуваме за Скупи, за нови културни простори, за сцени што ќе им припаѓаат на граѓаните, на младите, на уметниците и на идните генерации.

Но можеби најважно од сè , зборуваме за поврзување. Со Европа. Со уметниците. Со младите. Со сите што сакаат да создаваат, да придонесуваат и да бидат дел од едно поголемо културно движење.

Најуспешните културни политики во Европа денес не се оние што создаваат спектакл, туку оние што создаваат културна инфраструктура на доверба: меѓу институциите и граѓаните, меѓу локалното и европското, меѓу традицијата и современоста.

Оттука, вистинскиот успех на Скопје 2028 нема да се мери само преку бројот на посетители, изложби или настани.

Ќе се мери преку одговорот на прашањето: дали Скопје успеа да создаде нов модел на културна комуникација?

Дали успеа да ја претвори културата во долгорочна општествена стратегија?

Дали создаде чувство дека културата не е маргина, туку јадро на современиот развој?

Градовите што инвестираат во култура, всушност инвестираат во сопствената интелектуална иднина, а културната дипломатија, во својата најдлабока смисла, е токму тоа , процес преку кој една заедница станува препознатлива не само по тоа што произведува, туку и по тоа како мисли, како комуницира и какви вредности испраќа кон светот.

Ова не е само чиста  реторика. Ова е интелигентна, долгорочна и цивилизациска инвестиција, во начинот на кој еден град и една држава ќе бидат запаметени, во колективната меморија на културна Европа денес. Вистинските европски метрополи не се големи поради својата просторна големина, тие се големи поради идеите што ги создаваат, поради вредностите што ги бранат и поради културниот хоризонт што му го отвораат на светот.

Убеден сум дека Скопје 2028 ќе биде оној креативен момент во кој нашиот главен град ја претвора културата во свој најсилен дипломатски јазик, своја најпрепознатлива европска биографија и своја најдолготрајна иднина.

Поврзани вести