Skip to main content
Министерот Зоран Љутков се обрати на свеченоста по повод одбележувањето на 150 години од Разловечкото востание

За Разловци треба ’рбет, народ што не се плаши од сопствените порази, држава што нема да оди на прсти низ својата историја како низ туѓа куќа

Сто и педесет години од камбанаријата на црквата „Св. цар Константин и царица Елена“ во ова мало место, одекнува името на непокорот што никој не успеал да го замолчи. Сто и педесет години Разловци стои исправено над македонската историја и трае како највисок пантеон на македонскиот опстој. Овде, во 1876 година, македонскиот народ го разгоре жарот што подоцна ќе прерасне во силен ослободителен бран низ цела Македонија. Разловечкото востание е еден од најсилните постаменти врз кои почива борбата на Македонецот за слобода, темел во кој е вградена жртвата на најдобрите македонски синови и печат на историска самосвест од почеток на едно долго и мачно искачување кон државноста, рече денеска министерот за култура Зоран Љутков во своето обраќање по повод одбележувањето на јубилејот-150 години од Разловечкото востание.

Балканот во деветнаесеттиот век врие од востанија, од копнежи, од борби против вековното ропство, а народите го бараат своето место под сонцето. Во тој историски вител на случувања, Разловци станува јасен синор меѓу историите. Граница што времето не успеа да ја избрише. Овде се брани чувството на припадност, сопствениот јазик, сопственото историско достоинство.

Разловечкото востание претставува вонвременски миг во кој еден народ застанува пред бездната на сопственото исчезнување и одлучува дека достоинството вреди повеќе од животот. Во таа одлука лежи целата негова големина. Јунаците од Разловци не ја победија Империјата, но ја победија тишината, а тишината е најстрашната форма на ропство.

Одовде во Разловци, селани, учители, свештеници и револуционери тргнаа кон сигурна саможртва и токму затоа нивниот чин ја надминува историјата и влегува во вечноста на македонската легенда. Во тоа е трагичната величественост на Разловечкото востание. Да не постоеја малите, „неуспешни“ востанија, немаше да постојат ниту големите слободи. Секој историски пламен почнува од една искра што на почетокот изгледа безначајна.

Разловци е токму таква искра, мало село кое пред век и половина се осмели да разговара со вечноста. Можеби и токму затоа посегањето по македонскиот идентитет трае до денес. Низ децении и системи, низ дипломатски маси и политички сценарија, низ книги со избришани страници и мапи со туѓи бои, Македонија постојано е изложена на обиди за распарчување на нејзината меморија.

Оттука, секој обновен споменик, секоја зачувана приказна и секое спомнато име на разловечките јунаци претставува тивок, но моќен отпор против заборавот. Затоа што народ што ја чува својата меморија, ја чува и својата иднина.

Владата на Македонија и Министерството за култура и туризам издвоија околу четиристотини илјади евра за обновување на Спомен-домот на Разловечкото востание, со кој ова место станува своевиден универзитет од кој младите генерации ќе изучуваат една важна животна лекција: Како се сака татковината. И додека од подрумите на историјата во соседството, за жал, повторно шушкаат стаорците на неоврховизмот, некој можеби и со право ќе се запраша зошто овој спомен-дом не беше возобновен многу порано.

Одговорот е многу едноставен: Македонија предолго живееше со страв да не навреди некого ако се сака себеси. За Разловци треба ’рбет. Треба народ што не се плаши од сопствените победи и порази. Треба држава што нема да оди на прсти низ својата историја како низ туѓа куќа.

Нека делото на Димитар Поп Георгиев Беровски, Поп Стојан Карастоилов, легендарниот Илија Марков – Дедо Иљо Малешевски, Никола Скрижовски и многу други знајни и незнајни јунаци од Разловечката епопеја, како македонско востание запечатено со печатот на Штабот на востанието, биде вечен извор на македонскиот непокор, достоинство и стремеж кон слободата, аманет што ќе нè обединува и ќе нè држи простум пред историјата и иднината. Ви благодарам!

Поврзани вести