Skip to main content

Ципрас ја достави декларацијата за основањето на неговата партија до Врховниот суд на Грција

Нашето патување и нашите борби започнуваат сега и се надеваме дека ќе успееме да донесеме нешто подобро за земјата, порача поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас, а сега лидер на Грчки левичарски сојуз (ЕЛАС) откако до Врховниот суд на Грција ја достави декларацијата за основањето на неговата партија, заедно со законски неопходните потписи, јави дописничката на МИА од Атина.

Ципрас, кој во вторникот и официјално ја промовираше неговата партија, денеска го заврши формалниот дел за регистрација и рече дека на повикот „за правда, демократија и живот со достоинство, одговорија десетици илјади граѓани од цела Грција, како и Грци од дијаспората“, паралелно изразувајќи задоволство од одзивот на граѓаните.

Додаде дека нивната основачка декларација преку соодветната веб-страницата уште од првиот момент наишла на интерес кај граѓаните, а „и понатаму илјадници граѓани продолжуваат да се приклучуваат“.

– Денеска, како што предвидува законот, до Врховниот суд на Грција симболично поднесовме 300 од илјадниците потписи, секако и нашата основачка декларација. Како што наведуваме и во декларацијата, им се обраќаме на сите Гркинки и сите Грци. Нè водат демократијата и правдата, бидејќи демократијата се изопачува без правда, а правдата не може да дише без силна демократија, порача Ципрас, додавајќи дека сакат да бидат корисни за општеството и за земјата.

При доставувањето на декларацијата за основање на партијата, Ципрас го придружуваше судијката Мариа Лепениоти, која на грчката јавност ѝ е позната како претседателка на судот за време на судењето на Златна зора во периодот 2015-2020 година и осудата дека партијата е криминална организација.

Лепениоти е една од потписниците на декларацијата, а Ципрас рече дека нејзиното присуство го симболизира она што веќе го спомена, „дека демократијата без правда се изопачува и дека сите треба да се бориме водени од демократијата и правдата“.

Во вторникот вечерта, поранешниот грчки премиер и поранешен лидер на СИРИЗА на митинг во центарот на Атина го соопшти формирањето на партија со цел, како што рече, „не само политичка промена, туку и промена на политиките“

Поврзани вести