
Во Народниот театар Битола се одржа прес конференција по повод најновата претставата „Кориолан“ на Шекспир, во адаптација и режија на американскиот режисер Џон Блондел. На 15 јули, со почеток во 20:00 часот, една од најмоќните политички трагедии на Вилијам Шекспир, ќе оживее под отворено небо, во магичниот амбиент на Предворјето на црквата „Св. Софија“, како дел од програмата на Охридско лето. Беа споделени и информации за претстојните фестивалски настапи, вклучително и светската премиера на претставата на Verona Shakespeare Fringe Festival во Верона.
„Кориолан“ е дело кое што за прв пат се поставува на театарските сцени низ Македонија. Имаме една голема екипа која што е спремна да се соочи со предизвикот на македонска и светска премиера на „Кориолан“. Како и за сè останато, така и за овој тип на реализација на претстави, Битолскиот театар секогаш бил пионер во некои работи. Продолжуваме да се однесуваме така и да бидеме чекор-два пред сите останати и нашите премиери после подолго време конечно да се случат и на сцените надвор од Балканот, во европски земји, на што сум искрено горд“, истакна на почетокот директорот на НТБ, Васко Мавровски.
Ова е петта соработка на Џон Блондел со Народниот театар Битола – партнерство кое низ годините донесе препознатливи и високо оценети театарски остварувања.
„Јас сум и уметнички директор на Верона Фриндж Фестивалот и во разговори со моите колеги таму разговаравме за тоа кои претстави би сакале да ги имаме годинава на фестивалот и една од тие е претставата „Кориолан“. И јас лично изразив желба дека сакам да ја работам и дека сакам да ја работам со екипата на Народен театар Битола. Така дојде всушност до оваа соработка и сум среќен дека претставата се реализира со овие прекрасни уметници. „Кориолан“ е едно од последните дела на Шекспир, напишано е 1608 година и е последната трагедија, всушност, која што ја напишал“, изјави режисерот Џон Блондел.
Целта на претставата, концептот, е да се нагласат актерските изведби во една жива претстава, но со минимални сценографски и костимографски решенија и идеи.
„Иако претставата зборува за антички Рим, всушност за Рим пред Републиката, таа има одек и значење за сите наши современи политички ситуации. Кога размислував за концептот на претставата, се сетив на идејата на големиот филмски режисер Бергман, кој вели дека театарот постои во таканаречениот Златен триаголник. Тој триаголник го сочинуваат актерот, текстот и публиката. Сите три елементи се подеднакво важни. Мислам дека нашата поставка навистина ја изразува таа идеја на Бергман на прекрасен начин“, додава Блондел.
„Кориолан“ не е само приказна за еден воен херој. Тоа е приказна за секое време во кое живееме. Ликот на Кориолан го игра Васко Мавровски.
„Најголем предизвик за мене беше понекогаш да ги соберам емоциите што ми доаѓаат додека го изговарам текстот. Тоа и го споделив со колегите во еден момент, дека ако барав драматург да ми напише таков текст, бидејќи она што го зборува Кориолан, јас го зборувам цел живот. Таа борба со вртикапите, со луѓето што ја злоупотребуваат моќта, бранителите што ги избркаа од своите држави. Сега зборувам во еден поширок контекст, но ако малку подлабоко размислите, тоа што и Џон го кажа, речиси како да е пишувано за овој турбулентен период во нашата 35-годишна историја. И бидејќи лично, приватно, бидејќи политиката е животот, а животот е политика, заедно сум учествувал во настани за кои сметам дека сум стоел на браникот на нашата држава кога се распродаваа идентитетот, знамето, името и слично. Ова што се случува во Кориолан пред речиси 400 години, се случува и денес. Не се борат за името, ама се борат за идентитетот, се борат за моќта, се борат со оние што, клучното прашање што Кориолан му го поставува на својот народ е: Како да ви се верува? Зашто денес сте тука, а утре сте на другата страна. Тоа е европска, американска, светска, човечка димензија. Понекогаш луѓето мора да преживеат. Веројатно во тоа време, кога за погрешен збор се губи глава, треба да бидеш многу снаодлив, многу побрзо да се префрлаш од едно на друго, во трето. И таму се споменуваат партиите, величењето на едните партии, газењето на другите што не им се по мерак, со закрпени опинци, што е голема навреда, но токму тие со закрпените опинци на крајот ги уништуваат владарите, политичките партии и така натаму. Силата сепак е во народот“, вели Мавровски.
Во претставата играат и Петар Горко, Марјан Георгиевски, Борче Ѓаковски, Петар Спировски, Јулијана Мирчевска, Сандра Грибовска Илиевска.
„ Кога гостувавме на Globe to Globe 2012, претставата „Хенри“ која ја работевме со Џон и благодарение и на него Македонија стана дел од 37 земји кои учествуваа на тој светски фестивал, каде постигнавме големи успеси. Истото чувство е да се работи со Џон. Можам само да му кажам благодарам за неговата толеранција, за неговата човечност, за неговата големина, за неговата желба и заљубеност во оваа наша Битола и во оваа наша Македонија. За начинот на кој допира до нас како актери и среќата е огромна. Јас денес со оваа премиера славам еден мал голем јубилеј. Оваа ми е дваесетта улога во Шекспировите дела, што е навистина реткост на нашите простори и сум среќен што со Џон го правам тој јубилеј, затоа што така добив награда. Екипата е прекрасна. Работевме феноменално и мислам дека направивме нешто што е исклучително интересно, поинакво, кратко, а сепак интензивно од секаква гледна точка, посебно од психолошката“, рече актерот Петар Горко.
„Она што сакам да го напоменам во врска со работата со Џон и со целата екипа е дека често пати во текот на развојот како актери, како изведувачи, поминуваме низ најразлични фази во пристапот и начинот на работа и често пати во теоријата стои дека основното нешто за да се случи театарот е баш тој златен триаголник кој што го зборуваше Џон. Но, секогаш останувавме некако на теорија и дека тоа не знам колку луѓето би го гледале. Не знам колку би функционирало денес во 21-ви век, но во искуството со Џон, мене ми е оваа трета претстава со него, исто Шекспир. Во текот на овој процес некако застанавме сите зад таа идеја и да поминеме низ тој процес на таа минималистичка игра, на таа суптилност и во еден момент, кога целата екипа е сплотена зад истата идеја, ја почувствувавме моќта на актерската игра, на што фокус во оваа претстава е актерската игра, но исто така ја почувствувавме и мајсторијата на Шекспир и неговата актуелност и денес. Текстот напишан пред 418 години, таа политичка трагедија која се занимава во тој период, во тој контекст, мислам дека многу интересно кореспондира со она што го направивме. И благодарам на Џон за сета доверба и на сите колеги со кои што си поминавме навистина многу интересен процес и со нетрпение очекуваме да се случи премиерата во Охрид, потоа во Верона, а секако дека за нашата публика во Битола веќе чекаме во септември да имаме уште една премиера, затоа што сепак најбитната публика ни е домашната публика, затоа што тука живееме, растеме и се оформивме и тие светови кои што ги откриваме, а имаме прилика заедно со нашата публика да ја продолжиме оваа приказна на Битолскиот театар“, додава актерот Марјан Георгиевски.
Актерката Сандра Грибовска истакна: „Навистина се потврдува дека секогаш многу позитивно поминувам низ процесите и навистина откривам нешто ново секој пат со театарот и со работата со Џон“.
На тоа актерката Јулијана Мирчевска вели: „Еве јас да кажам дека навистина неговата позитивност и како човек, како добрина од човек кој буквално зрачи добрина од него, позитивност, учтивост, но исто така има и еден друг момент неговото огромно искуство кое што го има и тој е еден од најголемите познавачи на Шекспир од кои кога и да соработуваме, кога и да разговараме навистина на многу полиња и во однос и на животот, и во однос на театарот може да се научи многу. Мислам дека најдобро и многу повеќе од се ова можам да кажам на сцена, така што навистина со задоволство ги чекам овие две премиери, но најголемиот предизвик е секогаш кога се претставуваме пред нашата публика, така што на сцена во септември ќе го кажеме вистинското што го имаме и ве очекуваме тогаш. Ви благодарам на сите и секако една огромна благодарност до Џон и до сите колеги“.
Асистент на режија е младиот уметник и режисер Дамјан Димовски, чија дипломска работа беше претставата „Чорбаџи Теодос“ минатата година на сцената на Битолски театар. Сценографијата и костимите се на Благој Мицевски.
„Всушност еден од тројцата режисери со коишто последните 15 години работам најчесто и денес на утринското кафе разговараме за тоа дека во последната година ова ни е трет Шекспир заедно, е Џон, за кој што јас правам сценографија и костими и е исклучително голема одговорност како секој пат да направиме нешто поинакво од претходното. Една од трите последни соработки беше претставата во Тирана, за претстава која на фестивал освои пет награди за претстава, за две главни улоги, за костимографија, музика и така натаму. Потоа работивме претстава „Ромео и Јулија“ во Ереван во Арменија, кој сега е негов матичен театар, каде што наредните пет години ќе работи. Ова беше прва премиера во еден нов простор којшто требаше да се анимира и сега со нашиот театар, каде што најмногу сакаме, најлесно и најтешко ни е да сработиме нешто што не сме го правеле досега. И таа претстава е некаков пример за тоа како секогаш човек може да се реизмисли себеси и да направи нешто и да произведе слики коишто не сме ги виделе претходно и ние и публиката во Битола. И покрај толку големо искуство, овој пат мотивацијата е уште поголема. Значи на Охридско лето сме учествувале многу пати и драго ни е дека и таму ќе присуствуваме, бидејќи тој амбиент кај Света Софија и таа публика којашто доаѓа таму е фестивалска публика и е навикната на многу други претстави. Овој пат за првпат во Верона, каде што не само што сме дел од овој фестивал, туку сме дел од еден огромен светски конгрес којшто во исто време се случува во Верона и има еден куп други настани и ќе има преку илјада шекспиролози од целиот свет и се надеваме некои од нив ќе бидат присутни на нашата премиера и дека, како што и секогаш настојуваме, секоја соработка и секое гостување води кон нешто друго и поголемо и повежно за овој театар“, истакнува Мицевски.
Екипата на крај истакна дека атмосферата е толку добра на работа, што им остана во навика секое утро да го започнуваат со „Hi, John“, „Thank you, John“, затоа што тој непрекинато секое утро им дава позитивна енергија.
Во рамките на прес-конференцијата, НУ Народен театар – Битола пред јавноста ја соопшти и новата соработка со Бимилк. Тие воспоставија партнерство насочено кон поддршка на културата, уметноста и развојот на локалната заедница. Партнерството беше официјализирано со потпишување на договор за соработка помеѓу Васко Мавровски, директорот на НТБ и Полексена Јанкуловска, маркетинг директор на Бимилк. Како општествено одговорна компанија, Бимилк континуирано поддржува проекти кои придонесуваат за развојот на заедницата. Преку партнерството со НТБ, компанијата ја потврдува својата посветеност кон поддршка на културата и уметноста, препознавајќи ја нивната важна улога во општествениот развој.
„Поддршката од општествено одговорни компаниии како Бимилк е од исклучително значење за развојот на културните институции и реализацијата на амбициозни уметнички проекти. Партнерствата меѓу компаниите и културните институции создаваат можности за реализација на содржини со висока уметничка вредност и придонесуваат за унапредување и промоција на македонската култура. Веруваме дека оваа соработка ќе претставува значаен поттик за нашите идни проекти и активности“, рече директорот на НТБ, Васко Мавровски.
„Културата и уметноста се суштински дел од општествениот развој, а токму НТБ е една од институциите кои со својата долгогодишна работа, посветеност и уметнички достигнувања континуирано придонесуваат за збогатување на македонската културна сцена. Особено сме горди што воспоставуваме партнерство со театар кој низ годините изгради препознатлив уметнички идентитет, создаде значајни претстави, освои доверба кај публиката и остави силен белег во културниот живот не само во Битола, туку и пошироко. За нас, поддршката на НТБ претставува вложување во заедницата, во креативниот потенцијал на младите генерации и во вредностите кои остануваат значајни и препознатливи низ времето“, истакна Полексена Јанкуловска, маркетинг директор на Бимилк.
Во време кога прашањата за моќта, политиката, манипулацијата и одговорноста никогаш не биле поактуелни, „Кориолан“ нуди современ, динамичен и возбудлив сценски прочит на една од најзначајните трагедии на Шекспир. Со впечатлива актерска игра, минималистички сценски израз и исклучителната атмосфера на „Св. Софија“, оваа продукција ветува силно и незаборавно театарско доживување. Дизајнот на плакатот е на Михајло Димитриевски. Дизајн на светло: Џонатан Хикс. Светло мајстор: Горан Петровски. Музика: Александар Димовски.Видео: Владимир Переловски. Инспициент: Оливер Петровски. Суфлер: Мирјана Христовска.

Македонски



