Skip to main content

Вакво нешто не сум видел за 15 години работа како лекар – д-р Лазаров синоќа случајно се нашол на местото на несреќата

Тешка сообраќајна несреќа се случи вчера попладне на патниот правец Прилеп–Градско, во која загинаа две лица, а петмина беа повредени, соопшти Основното јавно обвинителство – Прилеп.


Според првичните информации, несреќата се случила при претекнување и судир на два автомобили кои се движеле во иста насока. Еден од загинатите е возачот на едното возило. Од МВР претходно соопштија дека сите повредени се пренесени во болница, а двајцата починале од здобиените повреди.


„На местото на настанот увид изврши дежурен јавен обвинител, кој издаде наредби за прибирање на траги и докази, како и за изработка на сообраќајно и машинско вештачење на возилата. Врз телата на починатите ќе биде извршена обдукција, а кај преживеаниот возач ќе се испитува евентуално присуство на алкохол или психоактивни супстанции,“ соопштија од Обвинителството.


Сведоштво за трагичната несреќа сподели и доктор Ненад Лазаров, кој се затекнал на местото како случаен минувач. Тој на социјалните мрежи напиша дека запрел за да помогне на повредените и дека сцената била „повеќе од хорор“.


„Пред два часа како случајни минувачи на патот помагавме на тешка сообраќајка по Плетвар кон Кавадарци. Двајца загинати и пет души тешко повредени, најстариот околу 40 години. Ве молам возете внимателно – вакво нешто не сум видел за 15 години работа како лекар,“ напиша Лазаров, додавајќи дека сите жртви се млади луѓе.


Тој упати апел до возачите за повеќе претпазливост на патиштата, а јавноста ја повика на молитва за животите на повредените.

Поврзани вести