
– Високиот претставник на меѓународната заедница во Босна и Херцеговина Кристијан Шмит изјави дека бил изложен на огромен и изненадувачки притисок од страна на САД, поради што заминува од функцијата порано отколку што планирал, со цел да се избегне нанесување штета на самата меѓународна институција.
Во интервју за денешното издание на социјално-политичкиот весник „Аугсбургер алгемајне“, прашан за информациите дека стоел на патот на изградбата на новиот гасовод низ БиХ чии инвеститори се луѓе од опкружувањето на американскиот претседател Доналд Трамп, Шмит потврди дека таа тема одиграла одредена улога, но демантираше дека бил против проектот. Тој изрази изненадување што ЕУ не успеала да ја изгради оваа гасоводна интерконекција од Хрватска кон Босна со европски средства, па сега на земјата ѝ се потребни Американците за да ја намали зависноста од руски енергенси.
Шмит упати сериозно предупредување до меѓународната јавност во однос на плановите на лидерот на Република Српска, Милорад Додик. Според него, евентуалното одвојување на овој ентитет, кој е економски послаб од половина од германскиот град Аугсбург, би значело целосен распад на БиХ и би го загрозило мирот на Балканот, каде што луѓето веќе почнуваат да се плашат од нова војна.
Тој упати и критики до Брисел и Берлин за недоволната поддршка, нагласувајќи дека Европа често се задоволува само кога не слуша лоши вести за Западниот Балкан, заборавајќи дека балканските проблеми се всушност и европски проблеми.
Во однос на европската перспектива на Сараево, Шмит оцени дека за полноправно членство ќе биде потребно многу време, па затоа иницијативата на германскиот канцелар Фридрих Мерц за „асоцијативно членство“, која првично беше предложена за Украина, би можела да биде одлично преодно решение и за Босна и Херцеговина

Македонски



