
Вашиот труд не исчезна со вековите, вашето слово и денес живее меѓу нас, вашата молитва сè уште нè крепи, а вашата жртва продолжува да раѓа нови плодови. Свети Кирил и Методиј не се само великани од минатото, туку се жив темел на нашата историја и на сиот наш бит, истакна архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан на молебенот во чест на свети Кирил.
Во словото на гробот на св. Кирил во базиликата „Сан Клементе“ во Рим поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија истакна дека создавањето на словото и преведувањето на богослужбените книги претставувало дејност на духовно раѓање на целиот македонски и словенски род.
Нивното дело било исполнето со жртви, страдања и со бројни искушенија. Тие биле постојано оспорувани, прогонувани и напаѓани, но останале верни на повикот што го добиле од Бога. И во сето тоа опстоиле затоа што длабоко верувале дека секој народ е повикан да стане учесник во Божјата вистина и во животот на Црквата. Затоа нивната мисија и денес продолжува да живее, истакна г.г. Стефан.
Како што рече, денес и ние сме повикани да се угледаме на нивното мисионерско дело.
Во ова време невреме, во кое царуваат поделби, несигурност и духовна празнина, нивниот пример нè повикува повторно да се вратиме кон евангелието, додаде архиепископот кој чиноначалствуваше со молебенот заедно со митрополитите на Европската и на Дебарско-кичевската епархија, г. Пимен и г. Георгиј, и свештеници од Македонската православна црква – Охридска архиепископија.

Почит пред гробот на св. Кирил оддаде и претседателот на Собранието Африм Гаши, кој со државно-црковната делегација што ја предводи во Италија попладнево ја посети и папската базилика „Санта Марија Маџоре“. Таму тој положи венец на спомен-плочата напишана на македонски јазик.
Таа е поставена во 2015 година како благодарност од македонскиот народ за гестот на папата Адријан Втори, кој во 868 година, во оваа базилика ги осветил словенските книги што во Рим ги донеле браќата Константин (Кирил) и Методиј. Во базиликата „Санта Марија Маџоре“ Делегацијата во базиликата „Санта Марија Маџоре“ го посети и гробот на папата Франциск, кој почина минатата година.
Во државната делегација по повод чествувањето на Денот на сесловенските просветители 24 Мај е и министерот за култура и туризам Зоран Љутков, кој во изјава за медиумите рече дека чествувањето не е само дипломатски и државнички чин туку и длабоко духовен и цивилизациски настан, кој е силен потсетник на вредностите врз кои се темелат словенската култура, образованието и писменоста.
За нас како држава, наследството на светите браќа Кирил и Методиј е живо и денес и тоа се гледа од нашата посветеност и заложба во зачувувањето на македонскиот јазик, на културата и духовната традиција, како и од грижата за културното наследство и промоцијата на вредностите на дијалогот, просветителството и меѓусебното почитување – истакна министерот Љутков.
Манифестацијата „Македонија во чест на св. Кирил” ќе биде заокружена утре со концерт на ансамблот „Консонанс” што, рече Љутков, е можност македонската култура достоинствено да ја претставиме пред меѓународната јавност.

Македонски



