Skip to main content

Грција сака нула царини со САД

Договорот става крај на повеќемесечната неизвесност во однос на статусот на можеби најважниот билатерален трговски однос во глобалната економија, рече министерот за национална економија и финансии на Грција Кирјакос Пиеракакис коментирајќи го постигнатиот трговски договор меѓу Европската Унија и САД за регулирање на царините, јави дописничката на МИА од Атина.

Пиеракакис објасни дека со договорот се обезбедува трансатлантско единство, се спречува трговска војна со негативни последици врз меѓународната трговија и меѓународните синџири за дистрибуција и производство, а исто така, ја зајакнува и енергетската безбедност на европската економија и затоа, рече дека „од оваа перспектива, разврската е позитивна“.

Но, посочи и дека Грција има принципиелна позиција и „ја поддржува слободната трговија, заснована на стабилни правила“, а вчерашниот договор предвидува примена на царини од редот на 15 отсто за европскиот извоз во САД.

– Врз основа на принципот што ви го опишав, грчката Влада би сакала пониска царинска стапка, идеално нула за сите трансатлантски трговски текови. Од друга страна, царинската стапка што беше објавена е пониска од онаа што беше планирано да се примени на 1 август. Владата внимателно ги следи релевантните дискусии и до степен до кој рамката на договорот дозволува, ќе се испитаат можностите што би можеле да придонесат за подобро решавање на прашањата што се однесуваат на производите од особен интерес за нашата земја, истакна министерот за национална економија и финансии на Грција, говорејќи во Парламентот.

Поврзани вести