
Грција ја реафирмираше својата посветеност активно да ја поддржи секоја иницијатива што ја промовира безбедноста, стабилноста и владеењето на правото во поширокиот регион, нагласувајќи дека успехот на Процесот Акаба зависи од колективниот напор и претворањето на дијалогот во конкретни резултати, соопштија од Министерството за заштита на граѓаните на Грција за учеството на министерот Михалис Хрисохоидис на министерскиот состанок од Процесот Акаба, на кој учествуваше и министерот Панче Тошковски, јави дописничката на МИА од Атина.
Министерскиот состанок посветен на борбата против организираниот криминал и тероризмот на Балканот се одржа вчера во Атина со околу 130 учесници од држави и меѓународни организации, меѓу кои и делегација од нашата земја, односно министерот Тошковски, директорот на Бирото за јавна безбедност и директорката на Агенцијата за разузнавање.
Од надлежното грчко Министерство денеска соопштија дека на состанокот, министерот Хрисохоидис копретседавал заедно со министерот за внатрешни работи на Јордан, а на отворањето било нагласено значењето на Процесот Акаба како платформа за политички дијалог и оперативна соработка за справување со сложени безбедносни закани.
– Посебно беше истакната геостратешката важност на Западен Балкан, како регион кој функционира како клучен коридор за трговија со дрога, оружје и луѓе, но и простор со зголемена ранливост за појави на радикализација и екстремизам. Беше потенцирано дека современите закани имаат силно поврзан карактер, бидејќи организираните криминални мрежи, терористичките организации и нелегалните финансиски текови функционираат во заедничка и флексибилна средина. Во овие рамки, беше истакната потребата од зајакнување на интероперабилност, на размената на информации и оперативната соработка меѓу надлежните органи, соопштија од Министерството за заштита на граѓаните на Грција.
Паралелно, била нагласена клучната улога на службите за полициска соработка „како главен канал за брза и насочена размена на информации“ и било истакнато дека брзината, кредибилноста и безбедноста на информациите се „клучни фактори за превенција и справување со заканите“.
Дополнително, станало збор и за пошироките геополитички случувања и ситуацијата на Блискиот Исток, „кои може да имаат последици врз европската безбедност, зајакнувајќи ја потребата од потесна координација и будност“.
Од Министерството за заштита на граѓаните на Грција информираа дека на маргините на Процесот Акаба, министерот Хрисохоидис „оствари билатерални контакти со неговите колеги министри од Македонија, Србија и Јордан“.
Министерот Тошковски, вчера, преку Фејсбук информираше дека со министерот за заштита на граѓаните на Грција разговарале за продлабочување на билатералната соработка во борбата против организираниот криминал, трговијата со дрога и нелегалната миграција, како и за изнаоѓање заеднички решенија за надминување на предизвиците од имплементацијата на новиот систем за влез/излез на ЕУ (ЕЕС), со посебен акцент на намалување на времето на чекање на граничните премини во пресрет на туристичката сезона, а паралелно министерот Хрисохоидис ја прифати поканата да ја посети нашата земја.
Во однос на министерскиот состанок, Тошковски посочи дека во своето обраќање истакнал дека криминалот и тероризмот сè повеќе се поврзуваат и функционираат како една хибридна закана која бара заеднички, координиран одговор, но, и дека безбедноста на секоја држава е директно поврзана со безбедноста на нејзините соседи и затоа, „клучно е да ја зајакнеме регионалната соработка, размената на информации и заедничките оперативни активности“.

Македонски



