Skip to main content

Старото ненормално

Македонија веќе била во ситуација да бира меѓу САД и поголемиот дел на ЕУ по прашање од врвен геополитички интерес. Во 2003 година, со американската војна во Ирак, Германија и Франција – кои се практично срцето на ЕУ – беа категорично против учество во војната. На нив им се приклучија Грција, Шведска, Австрија, Белгија.. Само Британија и Полска учествуваа во американскиот напад врз Ирак.

По окупацијата на Ирак, САД придобија неколку крупни членки на ЕУ да учествуваат со свои контингенти во тоа што требаше да биде мирна и досадна окупација на земјата (а се претвори во брутална граѓанска војна со милион загинати). Шпанија, Италија, Холандија, и сите нови членки на ЕУ од источниот блок како што се Чешка, Унгарија, Словачка (и подоцнежните членки Романија и Бугарија) испратија свои воени сили во Ирак. Често пати ова беше со разни ограничувања, инсистирање војниците да бидат пратени во помирен дел од Ирак, да не учествуваат во воени операции.

Условите под кои беа испратени војниците честопати зависеа од тоа дали владата на европската држава е десна или лева, односно дали е блиска до претседателот Буш, или е поблиска до таборот противници на војната, кој беше широкоградо финансиран од Џорџ Сорос (чија мрежа во меѓувреме разви апетит за војување). Се случуваше земји да се повлечат од Ирак по терористички напад дома (Шпанија по крвавите мадридски напади во 2004 година) или кога ирачките исламисти тактички ќе нападнеа одреден контингент војници за кои знаеа дека доаѓаат од држава во која политичката сцена нема да трпи посериозни загуби.

Во таква ситуација на поделба, вечната кандидатка за членство во ЕУ Македонија целосно застана на страната на САД. Македонија испрати контингент војници кој беше доста голем согласно нашиот број на жители (што редовно и со гордост го истакнувавме во јавните настапи – исто како што сега посочуваме дека буквално сме и го дале целото тешко оружје на Украина).

ЕУ немаше јасен став да учествува или да не учествува во војната во Ирак, но нема ни сега. Франција, Германија, Британија и Полска го предводат блокот за продолжување на војната, а Унгарија и Италија се предводници на блокот кој сака да му се даде шанса на Трамп – односот на силите секако ќе се менува во овие хаотични денови, а ќе се менува и по евентуалното распоредување на европски војници во Украина, каде Русија ќе ги има на тацна, исто како што ирачките исламисти ги имаа во 2004та година.

Македонија се уште се нема изјаснето по дебаклот на Зеленски во Белата Куќа, но претходно, со поддршката за американската резолуција во Генералното Собрание на Обединетите Нации, јасно се определи дека Трамп е тој што може и мора да направи обид да стави крај на оваа најбесмислена војна.

И за тоа добивме критики од двајца амбасадори во Скопје. Рано е да се прогнозираат евентуалните посериозни последици – во моментов, многу веројатно изгледа дека европските држави нема да можат да се договорат за испраќање војници и сериозни количества дополнително орујжје во Украина, по што ќе мора повторно да одат кај Трамп, евентуално да му испорачаат и оставка од Зеленски како знак на добра волја. Оттаму, претпоставувам дека приклонувањето на Македонија кон „новото нормално“ неколку недели пред земјите – членки на ЕУ веројатно нема да предизвика некои посериозни последици по нас.

Долно е, ниско, и газење на споменот на жртвите на војната во Украина да се коментира што ние би можеле пак да добиеме со нашата геостратешка ориентација. Јас би бил задоволен ако Македонија може една ронка да придонесе кон формулирањето на сериозен план за ставање крај на војната, кој реално може да биде спроведен единствено од САД и Трамп.

Факт е дека Македонија доби една голема отстапка од САД со тоа што ја поддржа војната во Ирак – додека Грција беше еден од најгласните противници на војната. Бирањето на американската страна во време кога Европа беше поделена по прашањето на војната во Ирак многу придонесе кон тоа Буш да ни го признае името во 2004 година. На Грција и беше јасно кажано дека нејзиното одбивање да учествува во војната е една од причините. Во ред, САД не изиграа, и набргу не информираа дека признавањето на името не значи крај на нивните повици Македонија да преговара со Грција за ново име. Под администрацијата на Обама, САД отидоа чекор понатаму и почнаа да ја подготвуваат шарената револуција по што со сила ни го сменија името.

Додека ја гледавме драматичната средба на Трамп и Венс со Зеленски, се присетивме на полуформалните описи на средбата на Груевски со Хилари Клинтон и Џо Бајден во 2011 година. Видовме како се виткаат раце, кршат кичми, а добро знаеме и што се случува потоа, ако ги одбиеш ултиматумите. Ако САД запнат, ќе најдат некој да го испорача тоа што го намерачиле.

Мислам дека тимот на Трамп не размисли до крај како ќе изгледа ако бара од Украина да го препише своето рудно богатство на САД како надомест за воената техника уништена во војната во која претходната американска гарнитура практично ја втурна земјата (со организирањето и финансирањето на Мајданската обоена револуција). Можеби ова изгледа добро пред гласачите на Трамп, но е шокирачко и неодбранливо во очите на остатокот на светот.

Шокирачко и неодбранливо беше и кога претходниот претседател на САД, Џо Бајден, го помилуваше својот син кој доби лукративни бизнис зделки во пост-мајданска Украина додека татко му јавно се фалеше дека го сменил обвинителот кој ја испитувал компанијата на син му за корупција. Трамп секако не ја почна обоената револуција, сега ја расформира машинеријата за организирање обоени револуции, а со средбата со Зеленски, намерно или не, и на најнаивните им покажа како САД ги третираат помалите држави, за што треба да сме му благодарни.

Секој што го критикува ова „ново нормално“ треба за возврат да биде прашан што мисли за „старото ненормално“?

Може да имаме многу забелешки за Трамп. Но непојмливо ми е да се преправаме дека претходните администрации, кои ги создадоа проблемите со кои сега се соочува светот, биле мудри, трезвени, тактични политичари.

Да тие, зборуваа дипломатски, додека Трамп има абразивен и хаотичен стил, но Трамп не е човекот кој ги почна војните во Ирак и Авганистан, па се повлече од нив, па ја организираше Арапската Пролет од која произлегоа крвопролевањата во Либија и Сирија, па продолжи со организирање на обоени револуции низ целиот свет, кулминирајќи со украинската катастрофа. Затоа, ако објективно се присетиме како изгледаше старото ненормално, и не е така лоша идеја да му дадеме шанса на новото нормално.

Поврзани вести