
Виола Имери, ученичка по класичен балет во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во Скопје е победничка на Националниот натпревар за млади балетски уметници „Роксен Стојанов“ чие финале се одржа синоќа, на 18 април, на свеченото отворање на 22. издание на „Танц Фест“ на големата сцена на Македонскиот народен театар (МНТ).
Имери ќе присуствува една недела во Париската опера каде што е ѕвезда Роксен Стојанов, балерина која има македонско потекло. Стојанов, лани првпат беше гостинка на „Танц Фест“ и ја доби наградата „Менада“ за врвни достигнувања во танцовата уметност за 2025 година.

Натпреварот за наградата „Роксан Стојанов“ е организиран од „Интерарт“ и Францускиот институт во Скопје, со поддршка на Амбасадата на Македонија во Париз.
Жири-комисијата за наградата „Роксан Стојанов“ ја сочинуваа: Роксан Стојанов, ѕвезда на Париската опера, Антонио Конфорти, солист на Париската опера, Сандра Мијалкова, примабалерина на НОБ, Кристоф Ле Риголер, амбасадор на Франција, и проф. д-р Рисима Рисимкин, кореографка и уметнички директор на натпреварот.
Второто место и припадна на Антонија Атанасова, која доби диплома и целосна стипендија за Сит камп, а третото место го освои Јана Кепеска. И двете се ученички во втора година во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“. Кепеска освен диплома, доби и 50 отсто стипендија за летниот камп што ќе се одржи во Скопје.
Натпреварот и наградата „Роксан Стојанов“ претставува значајна можност за младите балетски танчери да се изразат, да се инспирираат и да направат чекор поблиску до меѓународната сцена. Оваа награда претставува поттик за нивниот понатамошен развој и верба во сопствениот потенцијал, велат од „Танц фест“.
За наградата, со голема возбуда говореше и Роксен Стојанов.

Драги пријатели, почитувана публико, партнери. За мене е голема емоција што сум вечерва тука во Скопје, за првото издание на наградата „Роксен Стојанов“, од покровителство на претседателот на државата. Ова место има посебно значење за мене, затоа што тука ги направив моите први чекори во танцот. Тогаш не можев да замислам дека еден ден ќе станам ѕвезда на претската опера. Патот се создаде меѓу средби и можности кои ми помогнаа да верувам во еден сон што тогаш не се осмелував да го замислам. Сакам да им се заблагодарам на мојот партнер Антонио Конфорти, со кој имав голема радост да ја споделам сцената вечерва. Ти благодарам за твоето присуство, посветеност и за довербата што ги прави секој момент на сцената толку посебен, кажа Стојанов.
Таа им се заблагодари на сите кои учестуваа во настанот и на жири-комисијата.
Благодарам на жирито и браво за сите кандидати за вашиот труд и храброст и за убавиот настап. Многу сум среќна што вечерва танцував на истата сцена со вас, затоа што пред нашата заедничка страст, сите сме еднакви. Сите заедно ја живееме уметноста и танцот, секој на свој начин, во сопствен јазик. Оваа награда е можност, таа е врата, да му даде на победникот една недела во Париз, да ја открие Операта, Училиштето за танц, претставите и едноставно да продолжи да учи и да сонува поголемо. Сега е време да ги славиме талентите, кажа Стојанов.
За наградата се бореа 13 ученици, а во финалето влегоа најдобрите пет чии изведби публиката ги виде на свеченото отворање. Натпреварот беше под покровителство на Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

Освен настапот на финалистите на наградата, беше прикажано и „Кралство на сенките” (3-ти чин од „Бајадерка”) — Балетски оддел при ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј”, музика: Лео Минкус, кореографија: М. Петипа и настапот на Роксен Стојанов и Антонио Конфорти кои изведоа фрагмент од „Богородичната црква во Париз” во кореографија на Роланд Пети, а музика на Морис Жар.

Македонски


