Skip to main content

Бргу го отпишавме десниот суверенизам

По поразот на Виктор Орбан на парламентарните избори во Унгарија, неговите противници побрзаа да прогласат крај на десниот суверенизам од Орбанистички тип. СДСМ стварно дозволија да ги понесе атмосферата – според нив падот на Орбан значи дека само што не се вратиле на власт во Македонија. Но, Фрчковчињата на страна, левата либерална елита низа цела Европа се изнапишува колумни и изнаснима подкасти во кои славеа како сега останува само уште да се справат со Чешка, Словачка (Италија ја сметаат за ставена под контрола) и догодина да спречат победа на француската десница, и потоа ќе си владеат спокојно во недоглед.

Но, што се случи во неделите што следеа? Почна во Романија, земјата во која недемократските либерали од Брисел спроведоа невиден изборен инжењеринг за земја-членка на ЕУ кога ги поништија изборите во 2024 година под смешен изговор дека Русите им влијаеле со Тикток видеа, само затоа што водеше погрешниот кандидат. Владата склопена по мерка на Брисел издржа малку повеќе од една година, и се растури, а суверенистичката десница само си ја зголеми популарноста благодарение на странското мешање во врвните внатрешни прашања на државата.

Набргу потоа и во Бугарија победи кандидат кој не е во отворен конфликт со Брисел, но во минатото знаел да покаже контра-став по прашањето на Украина. Бугарија е друг пример на членка на ЕУ во која Брисел изврши упад во суверенитетот кога, во 2022 година, поранешниот премиер Борисов беше уапсен по налог не на домашното обвинителство, туку на обвинителството на Брисел. Што и да мисли човек за Борисов како политичар или за бугарското домашно обвинителство, барем ние во Македонија имаме доволно искуство со ситуации кога ЕУ ќе ти наметне влада и обвинителка да знаеме дека таквите работи не се прават во интерес на правдата и на јавниот интерес, туку дека, повторно како во примерот на Романија, домашниот кандидат со нешто се замерил со некого во Брисел (се разбира дека ваков исход е влажниот сон на партија како СДСМ која едноставно веќе не се ни обидува да дојде на власт преку придобивање на граѓаните и преку фер избори, туку се надева дека некој од надвор пак ќе им го исчисти патот и ќе ги инсталира како одработувачи). Сепак, ЕУ која бира лидери на своите држави – членки со укинување на избори, со нарачани обвиненија или со ускратување пари и финансирање на опозицијата како во примиерот на Унгарија, е многу далеку од лабавиот трговски блок кој беше замислен на почетокот, и е наполеоновска мегаломанијиа (да не спомнувам друга историска личност). Но, видовме дека веднаш по трагедијата во Унгарија, една по друга следеа два успеси на политичари кои се помалку или повеќе суверенисти.

Конечно, на последниот ден од мандатот на Орбан, се случија и делумните локални избори во Британија. На овие избори, Реформската Партија на Најџел Фараж успеа да освои голем број гласови од двете некогаш најголеми партии во Британија – конзервативците и лабуристите, и ги смачка и едните и другите. Британската политичка сцена моментално изгледа како македонската – една голема партија која доминира со стожерното домашно десно ориентирано население, и четири помали партии кои се борат меѓу себе за гласовите на урбаните хипстери, студентите и етничките малцинства. Изборите се водеа за околу една третина од општините во Британија, не за Парламентот, и теоретски Владата на Стармер може да остане на власт уште три години, но реално гледано – минимални се шансите целосно декласираната Лабуристичка Партија да остане на власт до крајот на мандатот иако и според анкетите и според неколку рунди делумни локални избори се гледа дека се одвај втора партија во земјата. А можни избори во Британија со овој однос на силите, земени заедно со анкетите во Франција во пресрет на нивните избори во 2027 година веќе би значеле целосна трансформација на европската политичка сцена.

Добри вести за десницата дојдоа и од другата страна на Атлантикот. Генерално сме сметаше дека Трамп е политички готов откако реши да почне војна со Иран со што ја заринка и домашната и светската економија на само неколку месеци пред конгресните избори во ноември. Анкетите покажуваа дека Трамп е крајно непопуларен и дека на Републиканската Партија и се заканува потоп, а потоа можеби и гласање за отповикување на Трамп од функцијата. Но, левицата во САД се преигра – насетувајќи победа во ноември сакаа да си ја зголемат маргината на победата и решија да направат крајно безобразно прекројување на границите на изборните единици во Вирџинија. Вирџинија е главно рурална, конзервативна држава во која се прелева голем дел од урбаната зона на Вашингтон – областа Ферфекс-Александрија, односно Северна Вирџинија е преполна со вработени во јавната администрација, како и со доста мигранти, кои како добри партиски војници едногласно гласаат за Демократската Партија – особено откако Трамп им го укина УСАИД и доста од привилегиите што ги имаат како „јавен сектор“. Мапата што демократите ја исцртаа го дели Ферфекс на 4-5 дела, на кои потоа им прилепува големи пространства од рурална Вирџинија. Наместо да исцрта нормални изборни единици кои би ги следеле географските и историските регионални граници – долините реките и планините – и би правеле логични целини од урбаните и руралните зони, мапата ги цепка административните зони на Северна Вирџинија така што се добиваат 4-5 изборни единици во кои околу 60 проценти од жителите се административците од Ферфекс или Александрија, а 40 проценти се граѓаните од помалите градови и села од рурална Вирџинија. Целта е урбаните да ги надгласаат руралните, и место Вирџинија да има, на пример, 5 рурални републикански пратеници и 6 урбани демократски пратеници – да има 10 демократски пратеници и само еден републиканец. Мапата ја претставува Северна Вирџинија како октопод од кој излегуваат пипала кои се шират низ државата и како што Брисел сака да ги контролира земјите – членки на ЕУ, Вашингтон не само што ги контролира сојузните држави на САД туку сака да ги бира и сите пратеници на 300 километри околу себе. Урбаните сакаат да ги контролираат „небањаните“ така што ќе ги надгласаат. Една од вака исцртаните изборни единици е до толку распрчкана низ пола Вирџинија што буквално изгледа како рак.

Безобразното прекројување на изборните граници ги вознемири републиканците во повеќе сојузни држави. Кратко време пред ова прекројување, пратениците во Индијана, каде што републиканците имаат мнозинство, решија да бидат фер и да не ја прекројат својата држава на сличен начин, со што би го намалиле бројот на демократски пратеници. Но по хаосот во Вирџинија, повеќе држави во кои републиканците се во мнозинство решија да им се одмаздат на демократите. Флорида почна прва, а по неа е Тексас. Во исто време, паднаа две судски одлуки. Врховниот Суд на САД донесе толкување на законот со кое прогласи дека сојузните држави, кога ги цртаат границите на изборните единици, веќе немаат обврска да внимаваат барем некоја изборна единица да има мнозинско население од малцинствата (Афроамериканците). Државите од југот на САД, каде доминираат републиканците, имаат десетина вакви изборни единици кои се исцртани на вештачки начин, со неприродни граници, се со цел мнозинството во нив да бидат Афроамериканци и по правило во нив се бираат деморатски пратеници. По одлуката на судот, која доаѓа во време на максимален гнев на републиканците поради нефер односот на демократите, извесно е дека сите јужни држави ќе ги прецртаат своите граници и ќе ги елиминираат овие демократски пратенички места. Во исто време, Врховниот Суд на Вирџинија реши дека прекројувањето на изборните единици во полза на демократите е спротивно на законот бидејќи референдумот со кој беше изгласано бил нејасен и илегален. Па така, можно е Трамп уште еднаш, по кој знае кој пат, да ја спаси кожата и на изборите во ноември републиканците да настапат со значителна предност – со голем број нови пратенички места во Флорида, Тексас и низ југот, а сепак да ги спасат републиканските пратенички места од Вирџинија.

Секако, резултатите и во Британија, и во САД, и очекуваните резултати во Франција, и причината поради која Американците двапати го бираат Трамп, а Британците се подготвени да ги уништат двете свои најголеми партии, е секако неконтролираната миграција. Во Британија, граѓаните гласаа на референдум на кој им беше ветено дека ќе излезат од ЕУ и со тоа повторно ќе можат да си ги контролираат границите. Но што се случи? „Десничарскиот“ премиер Борис Џонсон им соопшти дека со гласањето за Брегзит, тие се откажале од миграцијата од Европа, и со тоа практично мора да ја зголемат миграцијата од остатокот на светот – Индија, Пакистан, Африка. Откако гласачите (особено десните гласачи) збеснаа од ова предавство и и свртеа грб на Конзервативната Партија, нејзиното раководство се обиде да ги одоброволи со премиер Индиец, а потоа и со нова партиска лидерка – Нигеријка.
Изборната катаклизма на Конзервативците доведе до победа на лабуристите, кои историски гледано се уште по-отворени за носење мигранти во Британија. Мандатот на премиерот Стармер почна со грозоморното убиство на три девојчиња од страна на мигрант од Руанда кој нападна училиште за танцување. Одговорот на премиерот беше со месеци да ги лаже граѓаните дека напаѓачот не бил исламист, а „либералните“ медиуми ги убедуваа дека се работело за Велшанец (затоа што убиецот бил технички роден во Велс, од семејство на мигранти од Руанда). Следеа секојдневни нови напади со ножеви или силувања низ целата држава извршени од мигранти, како и масовни апсења на Британци кои на Фејсбук ќе напишеа коментар против политиката на отворени граници и давање социјална помош на мигрантите. Медиумите се обидоа да претстават како напаѓач да претстават девојче од осиромашен пост-индустриски град во Шкотска кое со нож и секира се бранеше од мигрант – Ром кој ја малтретирал.

Во 2025 година, властите му платија 500 фунти на илегалец кој сексуално нападнал 14 годишно девојче само за да се согласи да биде депортиран назад во Етиопија. Пред депортирањето, затворските власти по грешка го беа пуштиле манијакот, кој слободно се шетаеше низ Лондон неколку дена пред да биде препознаен и уапсен. Властите рекоа дека му дале пари за да се согласни дека нема да бара судска заштита против депортирање, бидејќи инаку би можел да го влечка процесот со години.

Вакви бизарни приказни на крајна неспособност на властите да ги заштитат своите граѓани, да ја исконтролираат границата што е основна функција на секоја држава, на тоталитаризам насочен кон сопствените граѓани кои ќе се побунат и ја поддржуваат десницата, се секојдневие во повеќе западно-европски држави. Граѓаните на богати, развиени држави не се природно склони да го растураат политичкиот систем и да бираат хазардери како Трамп, што значи дека навистина им догорело, и дека постојат сериозни, длабоки причини за промените кои се случуваат во западната политика. Се уште е рано да се прогнозира исходот на ноемвриските избори во САД, претседателските избори во Франција и политичката криза во Британија, но одеднаш работите и не изгледаат така лошо за суверенистите. Може дури да се каже дека пребргу ја отпишавме десницата.

Поврзани вести