Skip to main content

Советот на ЕУ усвои нови правила за зајакнување на отпорноста на почвата во Европа

Freepik

Советот на ЕУ денеска формално ја усвои Директивата за мониторинг на почвата, со што се воспоставува прва рамка на ниво на Европската Унија за проценка и следење на состојбите на почвите, со цел постигнување здрави почви низ цела Европа до 2050 година.

Директива претставува клучен чекор кон обезбедувањето поздрави и поотпорни почви, што е од витално значење за безбедноста на храната, чистата вода и животната средина, соопшти Советот на ЕУ.

Новите правила треба да помогнат за зајакнување на отпорноста на почвата, да обезбедат подобро управување со контаминираните подрачја и да воведат принципи за заштита на земјиштето, вклучително и од покривање на почвата со непропустливи материјали, како што се бетон или асфалт, и со отстранување на горниот почвен слој при градежни активности.

Според Директивата, земјите членки на ЕУ треба да воспостават системи за мониторинг со цел проценка на физичката, хемиската и биолошката состојба на почвите на нивната територија, врз основа на методологија утврдена на ниво на ЕУ, и редовно да ги известуваат Комисијата и Европската агенција за животна средина за состојбата на здравјето на почвата. Дополнително, земјите членки треба да преземат чекори за мониторинг на „новите загадувачи“, како што се пер и полифлуороалкилни супстанци (ПФАС), пестициди и микропластика.

Директивата дефинира и заеднички описи на почвата и воведува класи за оценка на здравјето на почвата, што би требало да им помогне на земјите членки да ги идентификуваат приоритетите и постепено да спроведуваат мерки за обезбедување поздрави почви.

Сега останува Директивата да биде поддржана и Европскиот парламент, што се очекува да се случи за време на октомвриската пленарна сесија, по што земјите членки ќе имаат рок од три години да ги имплементираат новите правила во националните законодавства.

Како што посочува Советот, здравите почви се клучни за постигнување на целите на ЕУ за климатска неутралност и придонесуваат за запирање на опустинувањето и деградацијата на земјиштето и за зачувување на биолошката разновидност и на здравјето на луѓето. Според достапните податоци, над 60 отсто од европските почви се во нездрава состојба, а истражувањата покажуваат дека тие и дополнително се деградираат со несоодветно стопанисување со земјиштето, контаминација и прекумерна експлоатација, на што се надополнуваат и ефектите од климатските промени и екстремните временски услови.

Поврзани вести