
На Универзитетската клиника за хематологија, според информации од стручниот колегиум, нема недостиг на лекови и терапија за пациентите, ниту пак, е утврден застој во обезбедувањето на неопходниот медицински третман. Клиниката за хематологија останува целосно посветена на континуирано, стручно и одговорно лекување на пациентите, согласно медицинските протоколи и стандарди, соопшти Министерството за здравство.
Во врска со објавите со наслов „Пациенти алармираат за колапс на Клиниката за хематологија“, од Министерството најостро ги демантираат изнесените наводи како целосно невистинити и неосновани и апелираат до политичките субјекти и медиумите да се воздржат од ширење непроверени информации кои предизвикуваат вознемиреност кај пациентите и нивните семејства, особено кога станува збор за чувствителни категории пациенти.
Инаку, од Државниот санитарен и здравствен инспекторат информираат дека согласно член 239-д од Законот за здравствена заштита, четири пати годишно се врши инспекциски надзори во јавните здравствени установи, во врска со евалуација на успешноста на здравствената установа, која ја врши Министерството за здравство.
Во Универзитетската клиника за хематологија последен редовен инспекциски надзор е извршен на 4 март, годинава. При надзорот не се констатирани недостатоци по однос на резерви на потрошен медицински материјал (шприцеви, игли, стерилни ракавици, кеси за венепункција..), како и средства за дезинфекција. Во однос на терапијата и третманот на пациентите, одлуките се во надлежност на стручните медицински тимови, информираат од Министерството за здравство.

Македонски



