Skip to main content

Промоција на книгата „Небесна пантомима“ од македонскиот поет Зоран Анчевски во Македонскиот КИЦ во Софија

На 10 март (вторник) 2026, од 18:30 часот, во Македонскиот културно-информативен центар во Софија (ул. „Обориште“ 7) ќе биде претставена првата книга на бугарски јазик „Небесна пантомима“ од реномираниот македонски поет, есеист и професор Зоран Анчевски.

Во присуство на авторот, за книжевните квалитети на книгата ќе говорат: проф. д-р Зоран Пејковски – директор на Македонскиот КИЦ во Софија, Санде Стојчевски – македонски поет и есеист, Весна Ацевска – македонска поетеса, Роман Кисјов – приредувач и преведувач на книгата и Мартин Христов – управител на бугарската Издавачка куќа „Ерго“.

Книгата „Небесна пантомима“, во превод на Роман Кисјов е првата книга на македонскиот поет Зоран Анчевски во Бугарија, којшто досега е непознат за бугарските читатели. Неговата поезија се покажа како „бела дамка“ во познавањето на современата македонска литература (во случајот – поезија), бидејќи Анчевски е извонреден поет, тој е авторитетно име во својата татковина, но и на меѓународен план. Книгата го претставува најдоброто од неговата поезија. Композициски таа е разделена на седум поетско-тематски циклуси и содржи вкупно 80 песни од различни години, периоди и етапи на неговиот поетски опус, избрани од три негови книги, издадени во РС Македонија (едната е со избрани песни, а другите две – од последните години). Изданието е потпомогнато од меѓународната книжевна мрежа ТРАДУКИ.

Критички искази за поезијата на Зоран Анчевски:

„Примерот на Анчевски, согледан во рамките на развојот на македонската поезија во последните неколку децении, е приказна за обидот да се излезе од традицијата, но и за судбинската условеност да се остане во нејзините граници кои, притоа, постојано се шират.“

Влада Урошевиќ

„Врз примерот на Зоран Анчевски нашата поезија покажува дека […] во поетот на нашето доба проговориле повеќе типови говори и дека семиотичкиот полиглотизам се повеќе станува негов raison d’etre (фр. – смисла на постоењето).“

Венко Андоновски

„Зоран Анчевски се препознава како една од најистакнатите крупни фигури во современта македонска литература.“

Санде Стојчевски

Зоран Анчевски (1954) е поет, есеист, литературен преведувач и професор по англо-американска литература. Роден е во Скопје каде што живее и работи. Своето образование го стекнал во Македонија и во САД. Досега ги има објавено стихозбирките „Патувања низ скршени слики“ (1984), „Стратегија на поразот“ (1994), „Линија на отпорот“ (1998), „Превод на мртвите“ (2000) „Див мир“ (2004), „Избрани песни“ (2008, на македонски и на англиски јазик), „Историја на ветрот“ (2009), „Небесна пантомима“ (2018) како и обемната студија „За традицијата“ (2007). Автор е и уредник на голем број поетски антологии, избори и прозни дела на врвни светски автори на македонски јазик. Резултат на неговата преведувачка активност се и трите антологии објавени на англиски јазик: две на современа македонска поезија и една на куса современа македонска проза. Исто така има објавено голем број есеи и статии од доменот на литературата и културата во разни списанија во земјата и во странство. Учествувал на бојни меѓународни поетски фестивали, конгреси и семинари и раководел со поетски работилници. За своето творештво ја има добиено наградата „Студентски збор“, за најдобра дебитантска книга (1985), „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга меѓу две СВП (2018) и престижното меѓународно признание за поезија „Ѓакомо Леопарди“ (Реканати, Италија, 2004). За својата преведувачка дејност ја има добиено наградата „Григор Прличев“ (2001). Член е на ДПМ и на Македонскиот ПЕН центар, чиј секретар бил во два наврата, а сега е негов претседател. Од 2003-2007 година бил претседател на Управниот одбор на меѓународниот фестивал „Струшки вечери на поезијата“.

Поврзани вести