Skip to main content

Промоција на книгата „Габреш и габрешени“ на Ристо Пејовски денеска во КСП Центар Јадро

Промоција на книга „Габреш и габрешени“ на Ристо Пејовски

2 јули (четврток) | 19.30 часот
На 2 јули (четврток), со почеток во 19:30 часот, во КСП Центар-Јадро ќе се одржи промоцијата на книгата „Габреш и Габрешени“ од авторот Ристо Пејовски.Делото претставува монографија за родното место на Пејовски – селото Габреш во Костурско, Грција, кое по Граѓанската војна во Грција (1946–1949) било опустошено. Од некогашното село останале само 46 семејства со вкупно 132 жители, а денес населението е целосно преселено во новоизграденото село Корестија (Неос Икисмос). Книгата е напишана во 2004 година, а постхумно ја објавува издавачката куќа „Гаврош“, со поддршка од семејството Пејовски. Промотор на изданието е проф. д-р Александар Литовски.Книгата „Габреш и Габрешени“ нуди живописни и детални описи на селото Габреш – од неговото основање пред повеќе векови до неговата денешна состојба. Со особен фокус на 1920-тите и 1930-тите години, но и со поширок историски опфат, таа создава богата етнографска слика за архитектурата, управувањето со селото, производните, трговските и земјоделските активности на жителите, како и за нивната гастрономска култура.Преку сеопфатни описи на свадбените обичаи, народните песни, детските игри, начинот на облекување и неговите промени, надрилекарските практики и текот на полските работи, читателот непосредно навлегува во секојдневниот живот на габрешани и во сезонските промени што го обликувале.Книгата претставува и значаен историски извор за појавата и дејствувањето на ВМРО меѓу габрешани, за периодот на Метаксовата диктатура (1936–1941), антифашистичката борба (1941–1945), Конференцијата на СНОФ за Костурско, Граѓанската војна во Грција, како и за делувањето на ДАГ. Во неа се поместени податоци за бројни жители на Габреш и нивните семејства, следејќи ги нивните животни патишта – како деца бегалци, интелектуалци, трговци, иселеници во странство, како и жители на Социјалистичка Република Македонија и подоцнежната Република Македонија. Делото содржи и објаснувања за дијалектната лексика карактеристична за костурско-корчанскиот говор.Ристо Пејовски е роден во 1921 година во селото Габреш, Костурско, Грција. По завршувањето на основното образование учел гимназија во Костур, а потоа во Американското земјоделско училиште во Солун. Во ноември 1942 година го продолжил школувањето во Гимназијата во Битола. По окупацијата на Грција се вклучил во антифашистичкиот отпор, поради што бил уапсен и поминал шест месеци во затвор. Во април 1942 година започнал да соработува со партизанскиот одред предводен од неговиот брат Наум Пејовски и дејствувал во илегала. Со интензивирањето на активностите на одредот „Лазо Трповски“ бил избран за секретар на младинската организација, која броела шеесетина девојки и момчиња, а во ноември 1944 година бил поставен за младински раководител на Четвртиот баталјон на Македонската ударна бригада.По завршувањето на војната работел во безбедносните служби, а од 1955 година преминал во Секретаријатот за внатрешни работи. Истата година се запишал на Правниот факултет во Скопје, а по дипломирањето работел и како професор во Центарот за обука на кадри за внатрешни работи. Бил избран за одборник во Општинското собрание на Кисела Вода и во Градското собрание на Скопје, а во 1971 година бил делегат на Вториот конгрес на самоуправувачите на Југославија во Сараево, каде што одржал еден од најотворените критички говори за општествените проблеми во тогашна Југославија.За својата работа и општествено-политичка дејност бил одликуван со повеќе високи признанија во поранешна Југославија, меѓу кои и Орденот за заслуги за народ со Златен венец. Бил во брак со Корнелија Пејовска (родена Мракова), учесничка во ДАГ, поетеса и писателка, со која ги имаат ќерките Лилјана и Софка и синот Златко.Ристо Пејовски починал во Скопје на 24 ноември 2006 година, на 85-годишна возраст.
 

Поврзани вести