
Новак Ѓоковиќ продолжува сигурно да чекори кон ново финале на Вимблдон, откако во осминафиналето го совлада Русинот Роман Сафиулин со 3-1 во сетови (7-6, 6-3, 3-6, 6-3).
Српскиот ас се соочи со сериозен отпор во првиот сет. Двајцата тенисери направија по два брејка, па сетот влезе во тај-брејк, каде што Ѓоковиќ покажа повеќе смиреност и славеше со 8-6. Во вториот сет седумкратниот шампион го подигна нивото на игра. Клучниот момент се случи во шестиот гем, кога ја искористи четвртата брејк-топка за водство од 4-2, по што без поголеми проблеми ја задржа предноста и поведе со 2-0 во сетови.
Третиот сет донесе поинаква игра, Сафиулин отвори подобро и поведе со 5-2, па на крајот успеа да го освои сетот и да намали. Сепак, искусниот српски тенисер не му дозволи на Сафиулин да се врати и да израмни во мечот, одигра сигурно до самиот крај и со добра игра го завери пласманот во четвртфиналето на најпрестижниот тениски турнир во светот.
Во следната рунда, Новак Ѓоковиќ ќе игра со Феликс Ожие-Алиасим или Алехандро Давидович Фокина.
Фото: Gol.mk

Македонски



