Skip to main content

Земјотрес од 7,7 степени ја погоди Индонезија: Најмалку 20 загинати, регистрирано и цунами

Најмалку 20 лица загинаа во силниот земјотрес со магнитуда од 7,7 степени што рано утрово го погоди индонезискиот остров Флорес. По потресот било регистрирано и цунами, со највисок бран од 94 сантиметри, но предупредувањето за цунами во меѓувреме е укинато.

Спасувачките екипи продолжуваат со пребарување на урнатините, бидејќи постои сомнеж дека има луѓе заробени под урнатите објекти. Според досегашните информации, шест лица се повредени, а две лица останале заробени под урнатините.

Најтешко погодено е подрачјето Нагекео, каде што жителите веднаш по земјотресот се упатиле кон повисоките места откако забележале дека морето се повлекува. Само во ова подрачје биле евакуирани околу 2.000 луѓе.

Цунамито било регистрирано на десет локации. Највисокиот бран, од 94 сантиметри, бил измерен во Мауролеу, во близина на Енде. Во Булукумба бил регистриран бран од 54 сантиметри, во пристаништето Кевапанте 38 сантиметри, а во Лабуан Баџо 36 сантиметри.

Иако предупредувањето за цунами е укинато откако престанало значителното покачување на нивото на морето, властите ги повикаа жителите да останат внимателни поради можните последователни потреси.

Индонезиската агенција за метеорологија, климатологија и геофизика измерила магнитуда од 7,7 степени и длабочина од 15 километри, додека американскиот Геолошки институт исто така регистрирал земјотрес со магнитуда 7,7, но на проценета длабочина од 10 километри.

Земјотресот се случил во 5:58 часот по локално време, а силното тресење било почувствувано во повеќе области. До 7:07 часот биле регистрирани најмалку 37 последователни потреси, со магнитуди меѓу 3,6 и 6,2 степени.

Од силниот земјотрес се оштетени куќи и други објекти во повеќе населени места, како и делови од пристанишната инфраструктура. Пријавени се и одрони и прекини на патиштата, додека прекините на електричната енергија и проблемите со комуникациите ја отежнуваат проценката на штетата и спасувачките операции.

Според индонезиските власти, земјотресот бил предизвикан од поместување на раседниот систем „Flores Back-Arc Thrust“, кој се наоѓа во исклучително сеизмички активно подрачје.

Флорес и претходно бил погоден од разорни земјотреси. Во 1992 година, земјотрес со магнитуда од 7,5 степени предизвика цунами во кое загинаа околу 2.500 луѓе.

Поврзани вести