Skip to main content
Отворена самостојната изложба „Трансформации на структурата од картон кон форма“ на Давид Атанасоски

Пејковски: Македонскиот КИЦ во Софија останува посветен на промовирањето на македонските автори

Во Македонскиот културно-информативен центар во Софија, на 2 јули 2026 година, свечено беше отворена самостојната изложба „Трансформации на структурата од картон кон форма“ на младиот македонски ликовен уметник Давид Атанасоски од Прилеп. Настанот привлече љубители на уметноста, претставници на културниот и јавниот живот, како и посетители кои имаа можност да се запознаат со најновиот творечки циклус на еден од истакнатите претставници на помладата генерација македонски уметници.

Изложбата ја отвори директорот на Македонскиот културно-информативен центар во Софија и дипломатски советник, проф. д-р Зоран Пејковски, кој во своето обраќање ја истакна важноста од континуираната афирмација на современата македонска уметност надвор од границите на државата. Тој нагласи дека Македонскиот КИЦ во Софија останува посветен на промовирањето на македонските автори и на создавањето можности нивното творештво да биде претставено пред меѓународната публика, придонесувајќи кон зацврстување на културните врски и развојот на културната дипломатија.

Пред посетителите претставени беа дваесетина дела, реализирани како колажи од фотографии на претходно создадени картонски објекти. Во овој циклус, Давид Атанасоски понуди оригинален визуелен пристап, во кој скулпторските форми беа преобразени во нови ликовни композиции. Делата не се задржаа на документарен приказ на претходно реализираните објекти, туку отворија нов простор за нивна интерпретација, овозможувајќи им на формите да продолжат да егзистираат преку различен медиум и нов визуелен контекст.

Низ внимателно конципирани композиции, изложбата ја истражуваше врската помеѓу формата и просторот, рамнотежата и динамиката, како и односите што се создаваат меѓу геометриските елементи. Визуелниот јазик на делата се темелеше на прочистени форми, јасна композиција и суптилна игра на ритам и контраст, создавајќи впечатлива целина што го привлекува вниманието и поттикнува различни интерпретации. На тој начин, изложбата понуди нов поглед кон можностите на современиот колаж како медиум што успешно ги поврзува скулптурата, фотографијата и визуелната уметност.

Изложбата претставуваше уште една потврда на авторскиот континуитет на Давид Атанасоски, чија творечка определба се заснова на истражување на формата, просторот и современите уметнички практики. Неговите дела сведочат за постојана потрага по нови визуелни решенија и експериментирање со различни медиуми, преку кои традиционалните ликовни дисциплини добиваат современ израз.

Давид Атанасоски е роден во Прилеп во 1995 година. Во 2018 година дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на Одделот за вајарство со конзервација и реставрација. Член е на меѓународната организација за уметност и култура Narrative Movements. Во својата досегашна кариера реализирал девет самостојни изложби во Скопје, Прилеп, Нови Сад и Истанбул, а учествувал и на бројни групни изложби во Македонија и во странство, меѓу кои во Њујорк (САД), Гонгју и Чонџу (Република Кореја).Со организирањето на оваа изложба, Македонскиот културно-информативен центар во Софија уште еднаш ја потврди својата улога како значајна институција во промоцијата на македонската култура и современата уметност во Република Бугарија. Преку ваквите културни настани, Македонскиот КИЦ во Софија продолжува активно да ги претставува македонските уметници, создавајќи простор за меѓународна културна соработка, размена на идеи и афирмација на современото македонско творештво пред пошироката јавност.

Поврзани вести