Skip to main content

Изложбата „Дома“ е поставка на фотографии и фотоманипулации кои носат спој на две различни уметнички перцепции

Во преполната Ликовна галерија од ЦК”Марко Цепенков” во Прилеп, беше отворена изложбата на фотографии и дигитални дела “Дома” од прилепските уметници Александра Ацеска и Илија Ацески.

Изложбата ја отвори Филип Димкоски, кој посочи дека станува збор за поставка на фотографии и фотоманипулации, кои носат спој на две различни уметнички  перцепции. 

Илија Ацески е конкретен, прецизен и рационален. Ја застапува аристотеловата теорија дека објектот постои само во онаква форма каква што ја гледа набљудувачот. Спротивно на таа прагматичност, за Александра Ацеска, водата не е само вода, ниту пак планината е само планина. Таа во водата ја бара длабочината,  а по планинските височини трага до врвот на мудроста.  Овде имаме спротивставеност на машката и женската енергија, на визијата на таткото и визијата на ќерката, на мудроста на искуството и на полетноста на младоста, на цврстината на коренот и на силата на крилјата…Слободата со која се создавани делата, им дава слобода и на посетителите делата индивидуално да ги толкуваат и да извлечат свои пораки, поенти и заклучоци, но упатува на тоа дека домот не е конкретен простор, туку специфична состојба на духот. Добредојдовте дома” – рече Димкоски на отворањето на изложбата. 

Академската уметница Александра Ацеска живее и работи во Кина, има реализирано повеќе самостојни и групни изложби, а Илија Ацески  долги години се занимава со фотографија.

Поврзани вести