
Постои нешто длабоко апсурдно во начинот на кој СДСМ денес се однесува на политичката сцена. Во исто време постои и нешто исклучително контрадикторно во пристапот и начинот на кој СДСМ ја критикува актуелната власт. Апсурдноста и контрадикторноста не се поради тоа што критиката во демократските општества е неоправдана, туку заради тоа што е заснована на претпоставки според кои во СДСМ сметаат дека она што тие некогаш го правеа, ќе го прават и оние кои што нив ги симнаа од власт.
Тоа не е критика која гледа на процесите од дистанца. Како на нешто врз кое во СДСМ ќе влечат издржани заклучоци и како такви ќе ги пласираат во јавноста во вид на аларм за евентуално несоодветното работење на власта. Тоа не е критика и напад на автохтоните аномалии кои што секоја номенклатура со себе ги носи.
Критиката на СДСМ упатена кон владата на Мицкоски, всушност е критика кон самите себе. Критика на сопственота пракса и искуство кое што го применуваа како власт. Она што денес го напаѓаат и осудува како од нив претпоставена грешка на владата, до вчера го практикуваа и бранеа за време на сите седум години владеење на Заев, Ковачевски и Филипче.
Своето владеење, почнувајќи од 2017 година, СДСМ го најави како демонтажа на лошите практики. Најавуваа правда, европски институции, едно општество за сите, доаѓање на животот, бројчаници за броење на вратените пари и што ли и уште не. А што всушност се случи? Се случи токму обратното, нешто кое што СДСМ сега се обидува да и го натовари на актуелната власт преку своите напади и критики.
Правдата беше првата жртва на СДСМ, првата алатка во рацете на Заев. Наместо независна, таа беше злоупотребена за притисоци и реализација на предавничката политичка агенда. Наместо слепа, стана селективна, а наместо принцип се претвори во средство на прогон. Судството никогаш до тогаш не беше толку зависно и под контрола на политиката. Во исто време, довербата кај граѓаните и рејтингот беа сведени на два проценти. Затоа, денес, кога од СДСМ зборуваат за „притисоци врз судството“, звучат како да кажуваат како тие би работеле доколку ја имаат власта во сопствените раце.
Отворија тема и за прислушувањето. Тоа отсекогаш било нивниот главен адут во сите обиди за доаѓање на власт. Еве и срга пласираат теза дека некој го прислушувал Заев и го фатил како се јавува по царинските управи во Македонија и Србија, за да се распрашува за запленетата марихуана. Многу интересна теза.
Почнувајќи од 2015 и годините потоа, СДСМ го користеше прислушувањето како платформа за доаѓање на власт, за подоцна да го претвори во алатка за политички притисок и уцена. Се испостави, а имаме и сведочења од некогашни обвинители во СЈО, дека прислушуваните материјали не се користеле како средство за расчистување со криминалот, туку како оружје за политичка пресметка и прогон. Наместо да се користат како навод и трага за прекршување на законите, бомбите на Заев станаа механизам за контрола и уцена. Од алатка за разобличување, се претворија во алатка за заплашување.
Денес, СДСМ повторно ја отвора оваа тема. Ја отвора како да станува збор за туѓо, а не за нивно политичко наследство кое што го имаат оставено, не само како партија, туку и како клан кој раководи со СДСМ и влече континуитет од Заев па се до Филипче. Од овој табор не зборуваат за тоа дека нивните злоупотреби беа претворени во стандард и начин на однесување, туку дека тие се оние добрите и чисти пред законските и моралните норми. Денес не зборуваат за тоа дека ја принудуваа јавноста да ги прифати нивните злоупотреби како „новото нормално“ во Македонија.
Критикуваат и бараат транспарентност, а транспарентноста во нивно време беше сведена само на форма. Сè беше наизглед јавно, освен суштината. Одлуките беа однапред донесувани, а опозицијата и граѓаните беа третирани како статисти и публика. Во безброј наврати го злоупотребуваа европското знаменце и носеа закони во рекордно брза постапка кои само на нив им одговараа. Дури се дрзнаа да прифатат и обврска за менување на Уставот со двотретинско мнозинство кое што ниту го имаа, ниту пак некогаш ќе го имаат.
Сега, кога СДСМ зборува за нетранспарентност, не зборува за принцип. Зборува за изгубената власт, привилегиите и за сето она што го практикуваа во вид на злоупотреба и прекршување на законските процедури.
Деновиве имаме исклучително голема афера со шверц на марихуана. Од СДСМ првите се јавија со напади врз актуелната влада, обидувајќи се да создадат слика во јавноста дека токму таа е одговорна за злоупотребите кои што се прават во одредени компании кои што се занимаваат со производство на канабис за медицински цели. Овие напади имаат јасна цел, да го дефокусираат вниманието од вистинските нарко барони, кои во времето на Заев се стекнуваа со дозволи за водење на овој бизнис. СДСМ, под водство на Филипче, никако не сака да расчисти со сопственото мрачно минато, да ги признае сопствените грешки и да го впери прстот кон вистинските шефови на шверцот со марихуана.
Тоа се шефови која што самата ги произведе, а нападите врз актуелната влада се само уште еден пример на спинување на темата и пренасочување на вниманието на јавноста од вистинските виновници кон политичкиот противник. Тоа е уште еден пример на апсурдноста на политиките на СДСМ, која што со своите критики всушност го критикува сопствениот начин на практикување на власта.
За идеолошката компонента не треба ни да коментираме. Таа одамна е заменета со гола калкулација и опортунизам. Нивните ставови се менуваат без објаснување, а неостварените ветувањата остануваат без извинување. Секогаш постои и сѐ се прави во име на некаква повисока цел, било таа да се однесува на македонските евроинтеграции или заштита на демократските начела. Целта, се разбира, никогаш не беше доволно конкретна за да може да се провери и секогаш беше параван за единствениот интерес што постои во тој табор, останување и практикување на власта.
Националните теми беа избегнувани и релативизирани кога беа незгодни, а силно инструментализирани кога беа корисни. Паметиме каков криминален попис спроведоа со кој на хартија ја нарушија националната структура во Македонија. Каде им е сега тој ревносен спроведувач на криминалниот попис, директорот на Заводот за статистика, кој не се симнуваше од телевизиските екрани за време на пописот. Од СДСМ не сакаат да се потсетат дека буквално на сила ја спроведоа оваа статистичка операција осакатувајќи ја Македонија на уште еден начин.
Особено деструктивен беше односот кон, така да ја наречеме, јавната болка. Во времето на СДСМ се случуваа пожари на автобуси, сообраќајни трагедии и загуба на голем број на животи. Одговорност од највисоките функционери, но и од оние од пониските ешалони, воопшто не се бараше ниту пак понесуваше.
Но затоа, денес СДСМ ги гледаме како го критикуваат проектот Safe City, без разлика на тоа што неговта основна цел е да го регулира сообраќајот и да ја намали загубата на животи низ македонските патишта. Ова е можеби најголемата апсурдност на политиките кои што излегуваат од таму.
Дали треба поголема и посилна илустрација од последнава за да се потврди тезата дека СДСМ критикувајќи и напаѓајќи ја власта, се критикува и напаѓа самата себе за начинот на кој што размислува и делува во пракса?! Дали треба дополнителни илустрации за да се демаскираат лицемерните политики кои што таборот на Филипче и ги сервира на македонската јавност со цел да се добере до можност да го прави истото што претходно го правеше?!
Дали се потребни дополнителни аргументи да докажеме дека денешната опозициска реторика на СДСМ не е обид за корекција на власта?! Таа е обид за масовна и колективна амнезија. Таа е обид за бегање од признавањето на сопствените грешки и бегање од обврската за дистанцирање од „заевизмот“ и штетата која што истиот ја направи.
Наместо извинување и одговорност, има проекција. Она што било правено вчера, денес се „препознава“ и проектира кај другите како грешка. Денешната критика на СДСМ не звучи како предупредување и корекција на власта, туку како одек од сопственото минато.
Токму во тоа е најголемата иронија!

Македонски



